Search

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дадеме легитимитет за промената на Уставот

Република Македонија се наоѓа пред финалниот акт на црното и срамно сценарио на Зоран Заев и СДСМ за промена на името на државата, идентитетот, јазикот, културата и историјата, вели ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Опозициската партија обвинува дека премиерот Зоран Заев и СДСМ ги продале националните и државни интереси и ги погазиле Уставот, законите и волјата на македонските граѓани.

„Зоран Заев и СДСМ се решени да уништат се што е македонско и затоа насилнички и со закани и уцени врз пратеници и нивните блиски ја доведоа Република Македонија до финалниот чин за промена на Уставот со цел промена на уставното име. За нив не важат законите, не важат демократските процеси, а ниту пак важи јасно искажаната волја на граѓаните на Република Македонија на неуспешниот референдум кога јасно порачаа дека се против промената на името на државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата понатаму обвинува дека власта две години нема сработено ништо и е фокусирана единствено на промената на името на државата, идентитетот, јазикот, културата и историјата. ВМРО-ДПМНЕ повторува дека нема да учествува во процесот на уставните измени и да даде легитимитет за промената на Уставот.

„Северна Република Македонија можеби е на Заев, а за ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе остане Република Македонија онаа за која што мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година“, се додава во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави