Search

ВМРО-ДПМНЕ: И Грција да го смени Уставот и да гарантира дека нема територијални претензии кон Македонија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на продолжението на седницата на која се расправа по амандманите за промена на Уставот согласно Преспанскиот договор, побараа Владата да се заложи за реципроцитет во односите, односно и Грција да вметне уставни решенија.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски коментирајќи го 35-тиот амандман со кој Макеоднија, се обврзува дека нема територијални претензиии кон соседите, рече дека и Парламентите од регионот треба да изгласаат вакви амандмани и така би се граделе искрени пријателски односи.

Илиоски, додаде дека власта, со овој договор, сака да ги прикрие матните зделки, како што рече, делењето на тендери во четири очи.

Промена на Устав, име и други амандмани, зошто се прави ова? Затоа што нема реформи, власта не прави ништо, освен што си дели тендери во четири очи како и делење пари од Фондот за иновации на блиски фирми до власта. Да се одвлече вниманието на народот. Но, ова не е мала работа, ова е историски момент. И за да биде поинтересно, власта топката ја префрли на нас, на нас 120 пратеници треба да падне одговорноста. Ние треба да го притиснеме копчето и да одлучиме за државата и народот. И зошто само ние да го правиме тоа, нека го направат тоа и нашите соседи и тогаш може да кажеме дека сме пријателски народи“, рече Илиоски.

На говорот на пратеникот Илиоски, реплицираше заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој рече дека со овој и останатите договори, Македонија станала пример за мирно затворање на прашањата со соседите.

Прво да кажам дека министерот не дели тенедери како што рековте, туку е на службен пат во Брисел. Ќе остане таму три дена на работни средби. И нормално е да биде таму, затоа што ЕУ е нашата опција, ние сме свесни за тоа. Во вашето владеење, вратите беа затворени, за разлика од сега кога Македонија има голем број европски пријатели. Со решавањето на прашањата со соседите Македонија е позитивен пример во регионот за мирно затворање на билатералните прашања“, рече Жерновски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Благоја Деспотоски, претходно коментираше по амандманот при што рече дека немало потреба од писмени гаранции затоа што Македонија и досега ги почитувала границите на соседите.

Инаку денеска според редоследот, ќе се разгледуваат два амандмани, откако претходно за време на викендот, Собранието ги усвои првите два нацрт-амандмани.

Со 67 гласа „за“, четири „воздржани“ и 23 „против“ Собранието вчера прво го утврди нацрттот на амандманот 33 на Уставот на Република Македонија, со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Неколку часа подоцна со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани, Собранието го усвои и вториот нацрт-амандман на Уставот, со кој се предвидува зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ”, а тука се додава и Охридскиот рамковен договор.

 

Треба да знаете
Последни објави