Search

ВМРО-ДПМНЕ: Заев го продава името без поддршка од народот 

Зоран Заев го продава името без поддршка од народот, референдумот е јасна порака од народот дека не е за промена на името и Зоран Заев и секој политичар треба да ја почитува истата, реагираа преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Костадин Костадинов од СДСМ.

„Зоран Заев се надева дека со исполнување на агендата за промена на името ќе добие поддршка за прикривање на своите криминали, но тоа нема да се случи, сите криминали кои ги направи оваа власт ќе подлежат на одговорност, кога ќе се врати демократијата и правната држава.

Зоран Заев ја уназадува државата. Македонија тоне во корупција,според индексот на Транспаренси сме во друштво со држави како Танзанија и Колумбија, убиства ни се случуваат секој месец, а МВР никако да ги расчисти, економијата тоне, а бизнисот им оди само на олигарсите во власта.

Зоран Заев ја уназадува Македонија, доказ за тоа се и податоците од ДЗС, според кои трошоците за живот во 2018 година се зголемени за 1,5 %, додека пак индексот на цените на мало е зголемен за 2,7 %.

Зоран Заев ја уназадува државата, доказ за тоа се и пропустите во здравството и епидемијата со морбили, која директно е креирана од неодговорноста на власта, која како опозиција за ситни политички поени водеше кампања против вакцинирањето“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека биле ветувани 600 километри автопат, 550 километри магистрални патишта и 1.200 километри локални патишта, но како што посочија нема ниту еден километар од ветените автопати, магистрални патишта и локални патишта. Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се посочува дека бил ветуван и чист воздух веднаш по промената на власта, а како што велат од опозицијата нема направено ништо, повеќе пари одвојуваат за лубриканти, отколку за мерки против загадениот воздух.

Треба да знаете
Последни објави