Search

ВМРО-ДПМНЕ: Дури и нереалните и напумпани бројки покажуваат дека економијата тоне

Растот во вториот квартал во однос на растот во првиот квартал бележи пад од цели 25%. За една четвртина е намален и онака слабиот раст на македонската економија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Од опозициската партија велат дека дури и нереалните и напумпани бројки покажуваат дека економијата тоне.

„Стапката на раст од 3.1% во вториот квартал од 2019 година е нереална и базирана на погубни економски политики кои со сигурност ќе го загрозат долгорочниот развоен потенцијал на економијата. Двоецот Заев-Анѓушев во недостиг на развојна стратегија и концепт како реално да го подобрат животниот стандард на македонските граѓани се обидуваат преку популистички неодржливи политики да креираат краткорочен раст чија единствена цел е да ја манипулираат јавноста дека економијата оди по вистинскиот пат.

Најдобра потврда за ова се показателите за изворите кои го создаваат тој раст. Имено, дури 80% од растот е базиран на финална потрошувачка, што во голема мера е резултат на популистичките мерки на Владата, на сметка на значителниот негативен придонес на нето-извозот кој треба да биде вистинскиот мотор на економија.

Забележан е пад на ИТ-секторот за 4.6% како еден од најпродуктивните и најплатените сектори во земјата што во најголема мера се должи на штетните ефекти од прогресивното оданочување. Ова ќе има големи последици врз иселувањето со оглед на фактот што во овој сектор најголем дел се млади и високо образовани кадри кои многу лесно може да ја напуштат земјата.

Особено е забележан пад на преработувачката индустрија од 2%, што заедно со падот на нето-извозот од 12% покажува дека македонската економија ја губи својата конкурентност. Најголем виновник за губење на конкурентноста на приватниот сектор и падот на продуктивноста во економијата се токму погрешните политики на оваа Влада кои ќе имаат катастрофални ефекти врз македонската економија во периодот што следи. Несоодветната политика за привлекување или поточно одвраќање на странските инвеститори што се потврди со историски најниското ниво на СДИ во вториот квартал од 2019 година и квази економските мерки во планот за економски раст како наводна поддршка на домашната индустрија наместо да ја зголемуваат продуктивноста и да го подобрат животниот стандард на граѓаните, ја туркаат економијата надолу.

Додека оваа неспособна Влада се фали со најавено остварување на стапка на економски раст од 3.5%, земјите од регионот јуришаат со економски раст од 5% што само го продлабочуваат јазот во развиеноста на Република Македонија во однос на останатите успешни земји од регионот“, се наведува во реакцијата.

Треба да знаете
Последни објави