Search

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за 2023 година што е во Собрание не ја одразува новонастанатата состојба

Вчерашниот прес на економскиот тим на Владата е најголемата потврда за хаосот и неспособноста. После 3 месеци најави за некакви даночни реформи со кои ги плашеа граѓаните и стопанството вчера Таче и свитата ретерираа.

Вчера победија граѓаните, вчера победи стопанството, а Таче и СДСМ капитулираа. Прогресивен данок нема да има и тоа е потврда дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која има најдобри политики кога е во прашање економијата и јавните финансии.

Ги жалиме колегите од СДСМ. Панчо Минов, Даниела Колева, Диме Велковски, Марија Георгиевска, Лолита Ристова и останатите цел ден ја бранеа даночната реформа, која ни самите не ја виделе, и гласаа против намалување на ДДВ за менструални производи и укинување на прогресивниот данок кој требаше да стапи на сила од 1.1.2023.

Вчера Таче и свитата ги пуштија по вода. Пратениците на СДСМ се најобични послушници кои без срам и перде и денес ќе се појават на Комисија за финансирање и буџет да го лажат и манипулираат народот.

Имаме сериозен сомнеж дека Буџетот за 2023та година што е во Собрание не ја одразува новонастанатата состојба и дека истиот Владата треба да го повлече и да го промени. Во предлог Буџетот што ни е доставен, на страна 18, пишува дека со воведување на даночната реформа ќе се обезбедат дополнителни 4,6 милијарди денари т.е. 75 милиони евра од кои реформите кај ДДВ ќе донесат 2,7 милијарди денари (44 милиони евра), реформите кај данокот на личен доход 700 милиони денари (11,4 милиони евра) и реформите кај данокот на добивка ќе соберат дополнителни 1,2 милијарди денари (19,6 милиони евра) од бизнис секторот. Дополнително, од СДСМ со денови објавуваат соопштенија, а и самата Лукаревска на трибини вели дека економскиот раст за 2023та според ЕБОР ќе бил 2,3% и тоа е огромен успех. Во исто време Министерство за финансии до Собранието има доставено сомнителна проекција дека економскиот раст идната година ќе биде 2,9%.

После вчерашната прес конференција никој не е сигурен што се ќе содржат даночните реформи, кога ќе се достават до Собранието, ниту кога ќе се гласаат. Најнеинформирани се пратениците од СДСМ кои ќе треба да гласаат, климаат и аплаудираат за трајно неспособниот Таче.

 

Игор Здравковски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Треба да знаете
Последни објави