Search

ВМРО-ДПМНЕ бара одговори од Сугарески за новото задолжување за изградба на автопатот Кичево – Охрид

Денес СДСМ и Владата предводена од СДСМ уште еднаш покажа класично непочитување на Собранието како највисок законодавен дом. Како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сакаме да изразиме огромно незадоволство поради тоа што на денешната Комисија за финансирање и буџет каде на дневен ред беше донесувањето на предлог-законот со којшто требаше да се обезбедат дополнителни средства за довршување на автопатот Кичево – Охрид, веќе втор ден по ред, ресорниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, не доаѓа и не присуствува на седницата на Комисијата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира и бара ресорниот министер да собере храброст и да се појави на оваа Комисија бидејќи за важен закон како овој, тој мора да биде присутен и да даде одговор на многу прашања кои ги имаат пратениците кон него.

„Имено, денес сакавме да го прашаме министерот и Владата, зошто овој предлог-закон доцни една година, знаејќи дека на 12 ноември минатата година беше изгласан закон за обезбедување средства за доизградба на оваа автопатска делница. Сакавме да слушнеме од министерот Сугарески како претставник од Владата, зошто им беше потребна дури една година за да се поднесе овој закон за ново дополнително задолжување од 180 милиони долари за изградба на овој автопат, сума којашто воопшто не е мала.

Сепак, одговор на овие прашања не добивме. Министерот Сугарески одлучи да не се појави и да не даде одговор на овие многу важни и клучни прашања. Ние во многу наврати во изминативе неколку години, укажувавме дека блокирањето и застојот на изградбата на оваа автопатска делница ќе нанесе ненадоместлива и огромна штета, како на буџетот, така и на граѓаните кои секојдневно патуваат во овој регион. Исто така, во овој период додека е закочена и блокирана изградбата на овој автопат се загубени и фрлени во вода огромни средства кои биле потрошени за досега сработеното, а кое сега поради овој застој, трпи штети, последици и се уништува“, се вели во соопштението.

Партијата додава дека од друга страна, мора да се потенцира дека овој застој има голема улога и во намалената безбедност во сообраќајот, која резултира со голем број сообраќајни незгоди и несреќи, со голем број жртви и повредени, како и оштетени моторни возила. Штети за кои некој ќе мора да сноси некаква одговорност.

„Оттука уште еднаш сакаме да прашаме и бараме одговор на прашањето, зошто власта и министерот се плашат и бегаат од одговори за овој проблем кој тие го создадоа?
Колку за потсетување, токму СДСМ додека беше опозиција ветуваше изградба на илјадници километри автопат, за сега да гледаме дека не се способни ниту да ги довршат автопатите кои ВМРО-ДПМНЕ  ги започна и кои беа во напредна фаза на реализација, а не, пак, да изградат нови како што ветија. Во изминатиов период, од СДСМ се изнаслушавме секакви изговори и оправдувања, но сепак граѓаните во ова речиси 3-годишно нивно владеење, можеа да се уверат во нивната неспособност и несериозност. Граѓаните гледаат дека СДСМ нема ниту капацитет, ниту визија и план како да ја водат Република Македонија. Единственото во коешто СДСМ се најдобри е блокирањето, укинувањето и ширењето лаги и манипулации“, се додава во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави