Search

Властите во Либан бараат спас, народот со намера да ја урне цела политичка елита

Гневните и тажни демонстранти во Бејрут во вторникот ги прочитаа имињата на 171 лице загинати во експлозијата на тамошното пристаниште, која минатата недела уништи голем дел од градот, притоа повикувајќи на оставка на либанскиот претседател Мишел Аун и други официјални претставници кои ги обвинуваат за трагедијата.

Собрани во близина на местото на самата експлозија, жителите носеа фотографии од жртвите, а на големи екрани се повторуваа снимки од експлозијата и облакот чад што се појави над Бејрут на 4 август, откако се детонираше високо експлозивен материјал складиран на пристаништето со години, без соодветни безбедносни стандарди.

Во експлозијата се повредени и околу 6.000 луѓе, а стотици илјади останаа без своите домови.

„Тој знаеше“, пишуваше на транспарентите со фотографии од либанскиот претседател, Мишел Аун.

„Како што доаѓаат владите, така и си одат. Ние продолжуваме сè додека претседателот и претседателот на парламентот не си заминат“, беше пораката на некои од транспарентите.

Аун и премиерот на Либан, наводно, во јули биле предупредени за небезбедното складирање на амониум нитрат, покажуваат документи од безбедносни извори.

Либанскиот претседател, кој најави брза и транспарентна истрага, во вторникот на „Твитер“ напиша: „Им ветувам на сите Либанци кои се погодени од оваа трагедија дека нема да запрам додека не бидат познати сите факти“.

Во вторникот во 18.08 часот, низ градот се слушнаа црковните ѕвона, а џамиите повикаа на молитва за да го одбележат точниот момент кога се случи експлозијата, што беше почуствувана дури и во Кипар.

Една недела подоцна, експлозијата делува како потенцијална пресвртна точка во либанската политика, која и онака беше во криза поради поделби, распространета корупција и длабока економска криза, дополнително влошена од пандемијата на коронавирусот.

Еден од демонстрантите кои во вторникот дојдоа да маршираат до пристаништето во Бејрут бил и Али Нуредин, чиј брат војник загинал во трагедијата.

„Брат ми почина поради незаинтересираноста на државата, која само тоне во корупција“, изјавил Али, држејќи фотографија од неговиот 27-годишен брат, Ајман.

Тој како неважна ја отфрла оставката на целата влада на премиерот Хасан Дијаб која беше поднесена во понеделникот, освен доколку не биде проследена со целосно отстранување на политичката елита во земјата.

„Промената ќе се случи само кога ќе се промени целиот систем. Се надевам дека овие млади собрани тука и смртта на многуте луѓе, меѓу кои и мојот брат, ќе донесат некои промени“, истакнал младиот Либанец.

Треба да знаете
Последни објави