Search

Власта и опозицијата се усогласуваат за идниот статус на СЈО

– Во Министерството за правда во тек е првата средба на која власта и опозицијата ги усогласуваат ставовите околу предлог законот за Јавното обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавното обвинителство, кој е еден од условите за почеток на преговорите со Европската Унија.

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска пред средбата во изјава за медиумите порача дека од сите учесници очекува да работат на носење квалитетен закон којшто ќе имплементира меѓународни стандарди, а не да се прават обиди за избегнување на одговорност од поранешни или идни сторители на кривични дела.

Во однос на прашањето за барањето на ВМРО-ДПМНЕ, Катица Јанева да не биде специјална јавна обвинителка, Дескоска одговори дека тоа е во надлежност на Советот на јавни обвинители.

-Мандатот на специјалната обвинителка според сегашниот закон истекува оваа година. Со оглед на тоа што ниту Мицковски, ниту Зоран Заев, ниту пак Министерството за правда избира јавен обвинител, прашањето понатаму за избор кој ќе продолжи да ја врши функцијата специјален јавен обвинител е прашање коешто ќе треба да го одговорат членовите на Советот за Јавно обвинителство. Од тие причини не треба да разговараме за луѓе, туку за создавање на систем заснован на принципи којшто ќе гарантира и утре непристапно водење на постапките од страна на било кое обвинителство, рече министерката за правда.

Иван Менкиноски кој е претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, рече дека станува збор за еден процес на Јавното обвинителство, каде Специјалното јавно обвинителство е само еден дел од целиот тој процес, а тие ќе ги изнесат своите како што рече конструктивни забелешки.

-Ние објавивме дека недостасуваат многу ратификувани меѓународни акти кои не се имплементирани и се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик да ги имплементираме истите, рече адвокатот Менкиноски.

Артан Груби од ДУИ кој исто така присуствува на средбата, изјави дека партијата го поддржува законското решение и се надева дека ќе ги убедат и колегите од опозицијата исто така да се придружат до постигнувањето на последниот консензус за основање на СЈО во рамките на Јавното обвинителство.

Премиерот Зоран Заев порано денеска изјави дека на овие средби нема да се разговара за лица, дека ниту тој, ниту Мицкоски не се тие коишто треба да кажат кој да го води СЈО, како и дека доколку опозицијата одлучи да не гласа за овој закон којшто се носи со двотретинско мнозинство, тогаш СЈО ќе продолжи да функционира по старииот закон.

-Сериозен  јавнообвинителски систем мора да има. Со помош на меѓународната заедница, на сите експерти – имаме прекрасен закон. Со сите укажувања, перфекции од Венецијанска комисија и сето она што е вредно за државата. Оттука и нашата одговорност како чинители во општеството треба да си ја понесеме. Јас верувам дека ова не се преговори, ова се разговори на работни групи помеѓу двете најголеми политички партии за обезбедување на функционален правен систем, рече Заев.

Овие средби се очекува да продолжат и во наредните денови. Рокот до кој треба да има некаква разрешница и овој закон да се донесе во Собранието е до крајот на март кога почнува кампањата за претседателските избори.

Треба да знаете
Последни објави