Search

Владиката Агатангел, Коневски и Божиновски предложени за сведоци за „Шамарите во Центар”

Одбраната на Миле Јанакиески, на денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, побара од судот во дополнителна доказна постапка да бидат сослушани Ивица Коневски и Кирил Божиновски, како и да бидат презентирани сите прислушувани разговори, доколку постојат такви, меѓу нивниот клиент и лицето Томислав Лазаров.

На почетокот на денешното рочиште, бранителот на Миле Јанакиески, адвокат Еленко Миланов рече дека за својот  клиент имаат информации од СЈО дека е прислушкуван од мај 2013 се до 2015 година.

-Тогаш треба да добиеме увид и информација за сите аудио снимки поврзани со овој кривично правен настан, доколку СЈО располага со такви разговори. А ако има таков разговор со Томислав Лазаров, сослушан како сведок тука, да се обезбеди за да може да имаме еднаквост на оружјата, изјави Миланов.

Тој предложи судот да дозволи во дополнителна доказна постапка да бидат сослушани како сведоци и Ивица Коневски и Кирил Божиновски.

Миле Јанакиески, пред судот рече дека како одбрана предложиле 15 сведоци и досега не е сослушан ниту еден, и побара разбирање од судот и да му бидат прифатени барем 2-3 сведоци.

Обвинетиот Александар Трајковаки, побара од судот да биде сослушан владиката Агатангел.

– Судот ако сака да се дознае вистината за овој настан треба да биде сослушан и владиката Агатангел. Јас на протестите отидов, како верник, на повик на владиката Агатангел, изјави Трајковски.

Сослушување на владиката Агатангел, побара и адвокатот по службена должност на Никола Груевски.

Случајот го води судијата Душко Јосифовски, а застапник на обвинението е Гаврил Бубевски.

Обвинителот Бубевски, во однос на предлозите на одбраната рече дека дополнителните материјалните докази, кои се документи и записници, се прифатливи.

–  По однос на останатите докази сметам дека од веќе изнесените докази се искристализира дејството на овој кривично правен настан и нема потреба да бидат прифатени. Во однос на вербалните докази, сите кои беа веќе предложени беа повикани. Дел беа сослушани, а дел не дојдоа и сметам дека нема потреба од дополнително оптоварување на постапката, изјави Бубевски.

Во „Насилство во Општина Центар” обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.

Треба да знаете
Последни објави