Search

Владетелот на Кувајт го отпушти својот син од Владата

Владетелот на Кувајт, емирот Сабах ал-Ахмад ал-Сабах, денеска го разреши неговиот син и уште еден министер во владата по нивните јавни меѓусебни обвинувања за корупција и му нареди на премиерот да состави нова влада.

Емирот Сабах тоа го нареди само неколку дена откако Владата поднесе оставка поради истрага во друг случај. Премиерот Џабер ал-Мубарак ал Сабах, кој е на функцијата од 2011 година, побара од шефот на државата да го ослободи од должноста за формирање нова влада.

Монархот го отпушти и неговиот син Насер ал-Сабах, министер за одбрана и министерот за внатрешни работи Халед ал Сабах, кој јавно меѓусебно се обвинија. Насер ал Сабах изјави дека открил оти биле проневерени 790 милиони американски долари во времето кога сегашниот министер за внатрешни работи бил министер за одбрана.

Шеикот Насер сака неговиот претходник на функцијата министер за одбрана и пет други високи функционери во Министерството да бидат обвинети за наводна проневера.

Денеска се очекува и обраќање на емирот.

Редовните парламентарни избори во Кувајт треба да се одржат за една година.

Министерството за правда им забрани на локалните медиуми да известуваат за случајот за проневера. Се наведува дека судењето ќе биде затворено за јавност и оти никакви информации поврзани со тоа не треба да бидат откриени во медиумите, без разлика дали се традиционални или на социјалните мрежи.

Насер ал-Сабах не е во редот за наследници на престолот, но неговото назначување за министер за одбрана го привлече вниманието затоа што тоа се случи откако саудискиот крал Салман го назначи својот син Мохамед бин Салман за министер за одбрана пред да го смени редоследот за наследување и го прогласи за престолонаследник.

Треба да знаете
Последни објави