Search

Влада на РМ: Јавна расправа за уставните амандмани и субвенции за оризовата арпа

На денешната 106-та редовна седница на Владата на Република Македонија, беа разгледани заклучоците на Собранието на Република Македонија, донесени на шеесет и четвртата седница, одржана на 3.12.2018 година, по повод утврдувањето на Нацртот на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија.

На седницата е утврдено дека, согласно постапката за уставни измени, Владата на РМ има обврска да организира јавна расправа во рок од 5 дена, и забелешките, сугестиите и предлозите по нацрт амандманите на Уставот, на граѓните, политичките партии, здруженија на граѓани, органи и организации, како и на другите учесници во расправата, и два дена после јавната расправа, да ги сумира и на Собранието да му достави извештај за резултатите од јавната дискусија и Текст на предлогот на амандманите.

Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата со списокот на станари кои живеат во становите на Акционерското Друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, и донесе одлука да биде изготвена информација за податоци за неплатени давачки, како и за социјалниот статус на лицето на кое е доделен стан под закуп. Како еден од заклучоците, се задолжуваат Министерство за труд и социјална политика во соработка со Акционерското Друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, во рок од десет работни дена да формираат мобилни инспекции кои ќе вршат теренска контрола на корисниците на станови под закуп и за спроведената контрола да ја информираат Владата на Република Македонија најдоцна до крајот на февруари 2019 година.

На денешната седница владата донесе одлука за воведување на нова интервентна мерка за земјоделците производители на ориз. Конкретно, земјоделците ќе добијат 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа во регистрирани откупувачи. Владата ја донесе оваа одлука поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена. Со оваа нова дополнителна субвенција ќе се поттикне договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година, од што придобивки ќе имаат земјоделците. Субвенцијата се однесува за количините кои се произведени и предадени во период од 1-ви октомври до 25 декември 2018 година и кои не надминуваат 5,5 тони по хектар. Со новата мерка се очекува да бидат субвенционирани околу 5.000 тони оризова арпа со што поддршката за оваа мерка ќе изнесува околу 25 милиони денари или 400 илјади евра. Субвенциите ќе бидат исплатени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година.

На денешната седница Министерството за локална самоуправа ги презентираше информациите во врска со Одлуката за престанок на мандатот по сила на закон на градоначалниците на општината Ново Село општина Дебар, и информираше за постапката за распишување на избори за градоначалник во овие општини.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, владата на денешната седница го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со одлука да биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување.

На оваа своја седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за реализираните активности за времено згрижените лица и создадените можности за самостојно домување на истите, со укажување до Агенцијата за вработување на Република Македонија, во соработка со  Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, активно да се вклучи во активностите за поддршка и вклучување на корисниците во соодветни активни мерки за вработување и изготвување на индивидуални планови за вработување, најдоцна до март 2019 година. Во врска со ова прашање Владата на РМ го задолжи Министерството за труд и социјална политика да достави информација за реализираните активности за времено згрижените лица и создадените можности за самостојно домување на истите, во октомври  2019 година.

Владата денеска ја разгледа и информацијата за Нацрт планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2018-2021, која по препорака на Владата на РМ ја изготви Град Скопје, и која има за цел унапредување на условите за велосипедскиот сообраќај во безбедна и комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа, како придонес кон мерките за намалување на аерозагадувањето и сообраќајниот метеж.

Не денешната седница министрите во владата ја усвоија информацијата за склучен Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Македонија претставувана од Министерствоto за образование и наука и Швајцарија претставувана од Швајцарската Агенција за развој и соработка преку Амбасадата на Швајцарија во Република Mакедонија за реализација на проектот Образование за вработување во Македонија.

Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за набавка на лабораториски тестови за потребите на јавните здравствени установи во Република Македонија, и го задолжи Министерството за здравство на секои шест месеци да ја информира Владата на Република Македонија за остварениот напредок во врска со оваа постапка.

Треба да знаете
Последни објави