Search

Влада на РМ: Пред правдата ќе бидат изнесени сите што му помогнале на Груевски да избега

Владата преку соопштение информира дека со внимание ја следи реакцијата на дел од граѓанските организации што повикуваа на политичка одговорност одделни институции и носители на високи јавни функции, во врска со бегството на осудениот Никола Груевски.

Во рамки на соопштението се појаснува дека истрагата што ја води Јавното обвинителство мора да заврши пред да се објавуваат детали во јавноста, особено поради тоа што, како што се истакнува, се работи за деликатни истражни дејствија за кои постојат индиции дека инволвираат граѓани на трети земји.

„Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата што ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото. Укажуваме дека е неопходно целосно затворање на сите прашања во истрагата за да се добијат одговори кои недвосмислено и без сомнеж ќе ја прикажат комплетната слика и сите инволвирани“, велат од Владата.

Додаваат дека согласно со надлежностите и процедурите, со реконструкцијата на бегството и укажувањата на помагателите, базирани на основани сомневања, поткрепени со докази, прво треба да излезе Јавното обвинителство.

„Министерството за внатрешни работи, по налог и супервизија на министерот Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата за утврдување на начинот на кој осуденото лице Никола Груевски ја напуштило територијата на Република Македонија. Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ги завршува истрагите за можна инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи – Скопје за начинот на бегство и можните помагатели. Откако ќе биде заокружена и комплетирана истрагата, со потврдени и докажани дејствија, јавноста во Република Македонија ќе биде соодветно информирана“, се наведува во владиното соопштение.

Владата воедно ја уверува јавноста и граѓанските организации дека максимално ја поддржува независната и професионална истражна постапка, дека ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка со која пред лицето на правдата ќе бидат изнесени сите личности кои учествувале или го помагале бегството на поранешниот премиер.

Треба да знаете
Последни објави