Search

Владата побарала и добила список на потенцијални инвеститори за Попова Шапка

Владата преку амбасадите во Австрија, Германија, Италија, Швајцарија и Франција побарала да им се обезбеди список на потенцијални инвеститори и сопственици на скијачки центри и веќе им е доставена листа на компании можни инвеститори во скијачкиот центар Попова Шапка, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

-Целта ни е да ги поканиме сите нив да дојдат на тура за запознавање со потенцијалите на скијачкиот центар Попова Шапка, а потоа да ги поканиме да учествуваат во тендерската постапка за продажба на центарот. Се надеваме дека на тој начин ќе обезбедиме соодветен инвеститор. Во меѓувреме преку проектот ИПА 2 доставивме барање до Светска банка за средства за реализација на инфраструктурата на Попова Шапка преку кофинансирање со 15-отстотно учество на Владата, рече Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата во одговор на прашање.

Тој посочи дека Попова Шапка е еден најпотенцијалните туристички центри во нашата држава и е неискористен, бидејќи уште од поранешна СФРЈ и Социјалистичка Република Македонија неоправдано е ставен во рамките на енергетската компанија сегашен ЕЛЕМ, а тогашен ЕСМ.

-Веќе дадовме задача на раководството на ЕЛЕМ, кој е сопственик на скијачкиот центар и во последните години имаат инвестирано осум милиони евра во опрема за скијачки терени и во хотелите, да распишат тендер за правење физибилити студија во која ќе се  направи техничка, правна и финансиска анализа и ќе се подготви тендерска документација  за продажба, појасни Анѓушев.

Центарот, информира премиерот Зоран Заев, ќе се продава на тендер или ќе се подобрува неговата инфраструктура преку јавно-приватно партнерство.

Треба да знаете
Последни објави