Search

Владата не очекува проблеми во процесот на интеграција во НАТО, ратификацијата на протоколот техничко прашање

Република Северна Македонија ќе биде следната 30-та земја членка на НАТО. Процесот на интеграција е во крајна фаза и не се очекуваат проблеми со ратификацијата во која било од земјите членки, единствено е прашање на време кога ќе се случи зависно од процедурите на институциите во земјите.

Ова го истакна портпаролот на Владата, Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање дали се очекува одложување со оглед на тоа што во Шпанија се закажани парламентарни избори.

Процесот на интеграција во НАТО е во крајна фаза. Досега одеше со брзо темпо. Тоа е неповратен процес. Прашањето на полноправно членство во НАТО е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која било земја, единствено е прашање на време кога ќе се случи зависно од процедурите на институциите во земјите, изјави Хоџа.

Тој потенцира дека полноправното членство ќе се заокружи кога ќе заврши ратификацијата во сите земји членки и финално кога протоколот ќе биде ратификуван во нашиот Парламент.

– Симболично ќе биде убаво ако заврши процесот пред НАТО самитот кој ќе се одржи во декември 2019 година, за да се заокружи 30-тото полноправно членство кога НАТО прославува 70 години, оцени владиниот портпарол, додавајќи дека Северна Македонија секако ќе учествува на Самитот на НАТО во декември и ќе седи на иста маса со земјите членки на Алијансата.

Правејќи споредба со другите земји кои се зачленувале, тој рече дека процесот кај нив траел од година до година и пол.

Во врска со отворениот случај за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, Хоџа рече дека Владата не коментира најави или одлуки на правосудни органи.

На прес-конернецијата портпаролот информираше и за точките од дневниот ред на вчерашната владина седница. 

Треба да знаете
Последни објави