Search

Владата на седница ќе разгледа повеќе Предлог-програми од економијата и спортот

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 115. седница на која ќе биде презентиран Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а ќе разгледа и повеќе Предлог-програми и годишни планови на државни институции.

Владата, како што информираат од прес- службата, ќе се произнесе за Предлог – програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година, за Информацијата во врска со донесувањето на програма за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата, а ќе ја разгледа и Предлог-програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2019 година.

На дневен ред на владината седница се и Годишната програма со финансискиот план за 2019 година на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, како и Годишната програма на Агенцијата за планирање на просторот. На владината седница, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе ја презентира Предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2019 година, а Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе ги презентира Финансискиот и Годишниот план за оваа година.

Министрите ќе ги разгледаат и информациите за Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот за кредитирање на правни субјекти за отворање нови работни места, Проектот за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години и Проектот за кредитирање на правни субјекти за отворање нови работни места за млади лица до 29 години со Предлог-измените на Одлуката за формирање на Управен одбор на проектот „Самовработување со кредитирање” и проектот „Кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места” на Агенцијата за вработување.

Владата ќе се произнесе и за Предлог-програмата за развој на спортот и младите во 2019 година и Предлог-програмата за распределба на средствата од игрите на среќа и забавни игри за финансирање на  националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт.

На седницата, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги презентира Предлог – годишната програма за заштита на природата, Предлог-програмата за унапредување на животната средина и Предлог – годишната програма за финансирање на изработка на просторен план на Република Македонија.

Треба да знаете
Последни објави