Search

Владата на САД донираше опрема и возила за МВР во вредност од половина милион долари

Амбасадорот на САД, Џес Бејли денеска во Министерството за внатрешни работи на министерот Оливер Спасовски му ја предаде донацијата на опрема и возила за Одделот за гранични работи и миграции и Секторот за криминалистичко разузнавање и анализа при одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Опремата и возилата со вредност од околу 500.000 долари се обезбедени од Владата на САД преку програмата за контрола на извозот и граничната безбедност при амбасадата на САД во Република Македонија.

И денеска, како и многу пати претходно, имаме чест да ве информираме за уште една важна и вредна донација од нашите пријатели-Соединетите американски држави, а наменета за Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Овој пат, македонската полиција добива донација во технички средства, што веднаш ќе бидат ставени во функција во соодветните организациони единици на МВР, а дел од нив како двете комби возила односно мобилни системи за откривање радиоактивен материјал ќе можат да ги користат и други надлежни институции во државата, како што е Царинската управа на Република Македонија,“ рече Спасовски за време на настанот.

Министерот Спасовски потенцираше дека од почетокот на воспоставувањето на граничната полиција во рамки на МВР од 2004 година наваму, односно на концептот на интегрирано гранично управување, владата на САД преку оваа програма е најсилниот партнер и поддржувач на реалното организационо, професионално и техничко етаблирање на граничната полиција.

Овде не се работи само за речиси стотината донации во разновидна техничка помош, туку и за стручната, професионална и техничка едукација и обука на полициските службеници во рамки на граничната полиција. Оттаму, сакам во оваа прилика уште еднаш во свое и во име на Министерството за внатрешни работи да им се заблагодарам на нашите докажани пријатели- владата на САД и амбасадата на САД во Република Македонија за нивното конзистентно и цврсто партнерство во реформирањето и развојот на македонската полиција како еден од клучните сегменти во унапредувањето на националната, но и регионалната и глобална безбедност,“ изјави Спасовски. 

Амбасадорот на САД, Бејли рече дека програмата за контрола на извоз и гранична безбедност и Министерството за енергетика на САД ја даваат оваа донација за да ги подобрат капацитетите на МВР, Царинската управа и Дирекцијата за радијациона безбедност за да спроведуваат професионални операции за гранична контрола и внатрешната безбедност.

Програмата „EXBS“ ѝ помага на Македонија веќе 17 години и има обезбедено повеќе од девет милиони долари помош преку донирање на опрема и обуки. Оваа донација денес е само уште еден пример за силата на партнерството на САД, преку Програмата и Министерството за енергетика, со Владата на Македонија. Би сакал да упатам пофалби на Граничната полиција, Царинската управа и Дирекцијата за радијациона безбедност за нивните заложби за заштита на македонската граница и внатрешната безбедност. Ви посакувам голем успех во идната работа во ова поле и се радувам на нашето постојано партнерство“, изјави Бејли.

Треба да знаете
Последни објави