Search

Владата денеска ја одржува редовната 158 седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржува редовната 158 седница, на која ќе разгледа повеќе точки од областа на економијата, екологијата, за зајакнување на ургентните служби во клиничките болници, но и за  текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани”.

На оваа седница, како што информира владината прес-служба, ќе се разгледа информацијата за можноста од воведување на систем за масовно алармирање и предупредување на граѓаните на предлог на Националниот координатор за имплементација на Национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија.

Министерството за економија за оваа седница ги предложи точките Предлог – закон за енергетска ефикасност, Информација во врска со иницијативата за воспоставување на еден заеднички граничен премин помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во граничниот премин Ќафасан, како и Информацијата за можноста и оправданоста за воведување на субвенции при купување на нови возила.

На денешната седница ќе биде ставена на разгледување Информацијата за спроведување на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и на Градот Скопје, а кои користат енергетски неефикасни уреди за греење во нивните домаќинства кои влијаат на зголемување на концентрација на РМ10 и РМ2.5.

На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација на денешната 158. седница, ќе се презентира и Информацијата за спроведување на функционална анализа во институциите од јавниот сектор. На оваа седница министрите во владата ќе се произнесат и за Информацијата за предлог проект програмата „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија”.

Министерство за здравство за оваа седница на Владата ја предложи точката Информација со Акциски план за зајакнување на ургентните служби во клиничките болници, а Министерството за транспорт и врски Информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани”.

Треба да знаете
Последни објави