Search

Вклучување на основците и средношколците во иницијативата за саморефлексија при користење дигитална технологија

Министерството за образование и наука во партнерство со Европската комисија и Европската фондација за обука почнуваат процес за вклучување на училиштата во нашата држава во иницијативата за саморефлексија при користење на дигиталната технологија.

Алатката SELFIE (СЕЛФИ) официјално почна да се користи од октомври 2018 година и веќе се применува од страна на 35 земји. Оваа алатка обезбедува информации и можности како образовните институции да се адаптираат на дигиталните промени. Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија прифати да ја примени алатката СЕЛФИ изработена од страна на Заедничкиот истражувачки центар при Европската комисија (Join Research Centre – JRC: https://ec.europa.eu/jrc/en).

Примената на SELFIE ќе овозможи насочување на училиштата во процесот на саморефлексија и ефикасно воведување на дигиталните технологии во наставата, учењето и оценувањето на учениците. На училишно ниво, се користат прашалници за откривање на ставовите на училишните лидери, наставниците и учениците на анонимна и доброволна основа. Се истражуваат шест области: лидерство, инфраструктура и опрема, континуиран професионален развој, настава и учење, практики за оценување и дигитална компетентност на учениците. Резултатите се споделуваат преку интерактивен извештај без хартија. На системско ниво, СЕЛФИ ќе овозможи преку анонимни агрегирани податоци, преглед на дигиталната подготвеност на училишниот систем во Република Северна Македонија.

Во пилот-фазата ќе бидат опфатени 4 основни и 8 средни училишта кои се определија врз основа на однапред дефинирани критериуми. СЕЛФИ прашалниците ќе бидат преведени на македонски и албански јазик, што ќе овозможи полесно пополнување од страна на трите целни групи: раководниот тим, наставниците/професорите и учениците. Исто така, во постапка на превод е и водичот за оваа алатка.

Обуката е креирана од Европската фондација за обука и Заедничкиот истражувачки центар при Европската комисија, а во координација со Министерството за образование и наука. Реалната примена на алатката, односно пополнување на прашалниците од страна на раководниот тим, наставниците/професорите и учениците ќе се реализира во период од 10 дена на крај на месец мај.

Треба да знаете
Последни објави