Search

Вишеградската група бара забрзување на преговорите на ЕУ со земјите од Западен Балкан

Министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група денеска од Прага побараа забрзување на преговорите со кандидатките од Западен Балкан за членство во ЕУ.

Шефовите на дипломатиите на Полска, Чешка, Словачка и Унгарија како свој приоритет посочија внатреевропската дебата за натамошното проширување да не биде пречка во понатамошниот напредок во пристапните преговори со балканските кандидати.

– Западен Балкан е стратешки важен регион, со оглед на нашата безбедност и стабилност на Европа. Треба да поддржиме забрзување на тој процес, затоа што станува збор за мал регион, на кој местото му е во ЕУ, истакна шефот на чешката дипломатија Томаш Петшичек. Тој изрази воздржаност за францускиот предлог за реформирање на правилата за натамошните проширувања, така што процесот би бил реверзибилен  ако земјата назадува во реформите.

– И сегашните правила овозможуваат процесот на преговарање да се ревидира согласно развојот во земјата кандидат. Наш приоритет е таа внатреевропска дебата да не биде пречка за натамошен напредок во односот кон земјите-кандидати, потенцираше Петшичек, изразувајќи надеж дека в година Франција ќе го одблокира почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија.

Министерот за надворешни работи на Полска Петер Сијарто, исто така, го критикуваше бавното напредување во преговорите во текот на последните шест месеци и го оквалификува тоа како една од најголемите грешки на претходната Европска Комисија на чело со Жан-Клод Јункер.

– Одложувањето на проширувањето и поставувањето пречки на тој процес е политика која е апсолутно вперена против европските интереси. Новата Еврокомисија мора да направи впечатливо поместување во преговорите со земјите-кандидатки. Проширувањето е неизбежно и неопходно за јакнење на ЕУ. Ние, како централноевропски земји, во соседство на тој регион, подобро сфаќаме колку е важно за ЕУ проширувањето од економски, политички, стратешки и безбедносен аспект, потенцираше унгарскиот министер на прес-конференцијата во Прага.

Шефовите на дипломатии од В4 ќе се сретнат следниот понеделник со новиот висок претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кога ќе му ги изнесат приоритетите на Вишеградската четворка.

Треба да знаете
Последни објави