Search

Вицегувернерката Митреска на „Ист жур фиксе”: Македонската економија ја минува ковид-кризата со посилни фундаменти во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 година

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска учествуваше на 86. издание на „Ист жур фиксе” – настан во организација на Централната банка на Австрија, којшто оваа година, заради околностите со пандемијата се одржа во виртуелен формат. На настанот, фокусот секогаш е ставен на актуелни теми и прашања за централнобанкарската заедница, а годинешното издание беше на тема „Сѐ за ковид-19 – геополитички, економски и макрофинансиски перспективи на земјите од Западен Балкан“. Како говорник на втората сесија на којашто се дискутираше за последиците од ковид-19 врз макрофинансиската стабилност, вицегувернерката Митреска даде осврт на случајот на македонската економија. Притоа, во рамки на своето излагање, таа укажа на посилните фундаменти и помалите ранливости со кои македонската економија ја минува ковид-кризата, споредено со периодот на глобалната финансиска криза од 2008 година. Според неа, тоа е видливо преку повеќе сегменти, вклучително и преку посилната надворешна позиција на економијата, повисокото ниво на девизните резерви, како и преку отпорноста на банкарскиот систем.

Во своето излагање, вицегувернерката стави акцент и на каналите преку кои ковид-кризата се пренесува во домашната економија, укажувајќи на каналот на доверба и очекувања како битен фактор за намалувањето на потрошувачката и инвестициите. Понатаму, таа се осврна на каналот на трговските врски и намалената надворешна побарувачка, како фактори коишто имаат неповолен ефект врз извозот, а во услови на вклученост на економијата во глобалните производствени синџири.

„Сепак, податоците покажуваат дека овие ефекти се краткотрајни и во услови на отворање на економиите, тие постепено се исцрпуваат. Всушност, структурата на економијата и на извозната база, во коишто доминираат стоките, а не услугите, претставува компаративна предност во овој период, што може да овозможи побрзо закрепнување на кус рок во однос на некои други економии.” – посочи Митреска. Посебен акцент стави и на дознаките, коишто со оглед на специфичноста на кризата бележат намалување. Во однос на монетарната политика и регулаторните промени, вицегувернерката посочи дека од почетокот на ковид-кризата, Народната банка ги релаксира монетарните услови. Намалувањето на основната каматна стапка, обезбедувањето дополнителна ликвидност, реактивирањето на неконвенционалната мерка на задолжителната резерва, но и овозможувањето на регулаторна флексибилност со цел намалување на финансискиот товар за компаниите и граѓаните се дел од преземените мерки, коишто Митреска и ги посочи во дискусијата на настанот.

 „Целиот овој пакет на мерки овозможи релаксирање на финансиските услови и олеснување на пристапот до финансирање, со што се ублажува ефектот од ковид-кризата врз домашната економија. – истакна вицегувернерката. На крајот на излагањето, таа ја нагласи и исклучително високата неизвесност присутна кај економиите, со оглед на здравствениот карактер на кризата, како и потребата од внимателно следење на сите текови. Учеството на овој значаен меѓународен настан, вицегувернерката Митреска го искористи и за одделни дискусии со свои колеги од регионот и Европа, коишто во најголем дел беа фокусирани на размена на искуства од досегашното справување со ковид-кризата.

Треба да знаете
Последни објави