Search

Висока стапка на повреди на работно место

Висока стапка на повреди на работно место

Со девет случаи на повреда при работа, во октомври гостиварскиот регион е на врвот на црната статистика. Повредените главно завршиле со тешки повреди, односно скршеници по екстремитетите.

Според евиденцијата на СВР Тетово од почетокот на годинава во Гостиварско се пријавени 24 несреќи при работа, од кои една е со смртни последици. Според местото на случување, најмногу несреќи биле регистрирани на градилиштата, односно при изведување градежни активности, управување со машини и специјални возила.

Како најчеста причина за повредата се наведува човечкото невнимание. Таа била наведена во 20 случаи, а меѓу останатите се и непридржување кон заштитните стандарди и критериуми, дотраеност на опремата за работа или заштитната опрема и временските непогоди.

Бројот на несреќи при работа оваа година е зголемен и ако се спореди со последниот извештај на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗР) за минатата година (2017 година) на ниво на држава, Гостивар сега е на самиот врв.

Од вкупно 158 несреќи при работа на ниво на држава, минатата година 24 случаи биле фатални по човечките животи и имале смртен исход. Во анализата на МЗЗР се наведува дека во просек на секои 100.000 вработени загинуваат три до четири работници, што е висока стапка на фатални несреќи при работа. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2016 година, кога изнесувала 2,62.

– Доколку се земе за споредба Велика Британија, каде што стапката изнесува само 0,5, ќе констатираме дека Македонија има доста висока стапка на фатални несреќи при работа. Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2017 година изнесува 17,98, што покажува дека на секои 100.000 вработени, се повредуваат 18 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 13, стапката на повреди за 2017 значително се зголемила, се наведува во извештајот.

Најкритични денови за настанување несреќа при работа се понеделник и четврток, а месеците април и октомври се наведуваат како „најцрни“.

Треба да знаете
Последни објави