Search

Виртуелна конференција за смртноста кај доенчињата, здравјето на жените, мајките и децата

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ денеска ќе организира виртуелна конференција за медиуми на тема „Што придонесува за смртноста кај доенчињата и какви мерки се потребни за унапредување на здравјето на жените, мајките и децата?”.

Како што е најавено, ќе бидат презентирани резултатите од „Анализа на состојбите по однос на перинаталната и доенечка смртност во Република Северна Македонија во периодот од 2011 до 2017 година” и „Акционен предлог-план за унапредување на здравјето и здравствената заштита на жените, мајките и децата заради намалување на перинаталната и доенечката смртност во Република Северна Македонија за периодот 2020 до 2030 година”.

– По деценискиот пад, доенечката смртност бележеше пораст во периодот од 2011 до 2017 година, и тоа од 7,9 умрени доенчиња на 1000 живородени во 2011 на 11,9 умрени на 1000 живородени во 2016 година. Иако во 2018 и 2019 година доенечката смртност бележи значително опаѓање (5,6 умрени на 1000 живородени) сепак од особено значење е да се утврдат сите можни причини кои водеа до пораст на смртноста се до 2017 година, со цел да се преземат сите неопходни мерки за да се спречи иден можен пораст на смртноста. На средбата ќе бидат презентирани утврдените состојби кои се поврзани со порастот на доенечката смртност до 2017 година, се наведува во соопштението од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

На средбата ќе бидат презентирани и подготвени предлог активности за унапредување на здравствената заштита на жените, мајките и децата.

Треба да знаете
Последни објави