Search

(Видео) Јанушев: Силјановска плени со својот интелект, а Пендаровски води очајна кампања со закани и уцени

Во последните денови од изборната кампања спроведуваме активности каде што буквално се обидуваме да дојдеме до секој граѓанин и да ги претставиме разликите меѓу нашиот кандидат, професорката Силјановска, и кандидатот на позицијата, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

„Она што можам да го кажам во досегашниот тек на кампањата е дека видовме една значителна поголема разлика – од една страна, имаме професорка, која со својата појава плени со својот интелект и со својата докажаност во минатото, едноставно остава впечаток на човек што е редно време да се појави на македонската политичка сцена. Од друга страна, го гледаме Пендаровски, кој заедно со СДСМ и Заев води една очајна кампања каде што преку закани, притисоци и уцени се обидуваат да влијаат врз македонските граѓани“, посочи Јанушев.

Генералниот секретар на опозициската партија предочи дека во предизборието имало случаи каде што неколку штабови на ВМРО-ДПМНЕ биле обиени.

„Вчера имавме исто така ситуација каде што општинскиот комитет во Кавадарци беше обиен. Се надеваме дека, конечно, Спасовски и полицијата ќе се охрабрат и ќе излезат со некоја информација. Можеме само да им порачаме дека ова воопшто не нè заплашува, напротив, дополнително нè мотивира и нè охрабрува. И само да ги потсетиме дека сите оние што згрешиле пред словото на законот еден ден ќе одговараат“, истакна тој.

Јанушев најави дека во рамките на денешната посета на општина Ѓорче Петров опозициската партија ќе има повеќе средби со граѓани, на кои ќе се обидат на секој можен начин пред граѓаните да ги претстават разликите меѓу кандидатите за овие претседателски избори.

Треба да знаете
Последни објави