Search

(Видео) Шефицата на кастинг за Џејмс Бонд открива детали од аудициите

Деби Меквилијамс, една од главните во аудициите за серијалот „Џејм Бонд“, проговори за процесот што мора да го поминат актерите кои се натпреваруваат за улогата на 007.

Во интервју за „Ентертејнмент викли“ Меквилијамс вели дека аудицијата е „прилично ригорозна и трае многу долго“.

Објаснувајќи дека многу актери се разгледуваат, а потоа се отфрлаат од една или друга причина, таа додава дека најдобрите два или три избори треба да поминат тест на екран, проценка на акробација и да се запознаат со сите.

„Тоа е одлука на продуцентите, студиото и режисерот, но обично најмногу зависи од семејството Броколи“, наведе долгогодишната шефица на кастингот за Бонд.

Семејството Броколи е на чело на филмската компанија „Еон продакшн“, која продуцира филмови за британскиот таен агент 007.

Меквилијамс, исто така, открива детали за многуте квалитети што таа ги бара во модерниот Џејмс Бонд, признавајќи дека тоj е oд „високиот ред“.

„Тоа е човек којшто може да издржи голем притисок, кој е привлечен и во одлична физичка форма, способен да ја преземе улогата“, рече таа.

Во текот на нејзиниот тридецениски ангажман со култната франшиза, Меквилијамс ги одбра, односно имаше голем уддел во изборот на Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крејг.

Крејг влезе во кожата на шармантниот шпион на МИ6 во 2006 година со „Казино Ројал“. Меквилијамс раскажува за првичните негативни критики на медиумите и фановите кога Крејг беше избран да го глуми Бонд.

„Реакцијата на новинарите од печатените медиуми беше ужасна и ми беше многу жал за него, но на необичен начин, мислам дека тоа го поттикна да стори сè за да докаже дека грешат“.

Имајќи предвид дека Крејг повеќе нема да биде Бонд, Меквилијамс знае дека ѝ претстои тешка задача бидејќи ѕвездата на Knives Out („Нож во грб“)  ќе биде тешко да се следи.

No Time to Die („Не е време за умирање“) ќе биде последен филм за Бонд со Крејг во главната улога.

Премиерата е закажана за 30 септември во Велика Британија. Секој филм за Бонд, традиционално првпат се прикажува во Лондон а потоа во остатокот од светот.

Треба да знаете
Последни објави