Search

(Видео) Шекеринска на состаноци на министри за одбрана на НАТО – Алијансата во Брисел

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на министерски состаноци на Северноатлантскиот совет на Алијансата. Ова е второ учество на министерката на состанок во формат министри за одбрана, по учеството на овој состанок на 13 и 14 февруари годинава, веднаш по потпишувањето на пристапниот протокол за членство и стекнувањето на статус – земја поканета за членство во Алијансата.

Шекеринска пред првиот состанок истакна дека нашата држава веќе е присутна на сите состаноци на Алијансата и дека активно учествуваме со свои ставови.

„Нашето учество на овие состаноци ја зголемува нашата моќ, нашата сила и нашето значење како држава, а тоа на граѓаните им нуди поголема безбедност и поголеми шанси за економски раст“, рече министерката.

Во контекст на ратификациониот процес кој се очекува да биде завршен до министерскиот состанок во декември, министерката го изрази своето задоволство што иако тој е тежок и комплициран, во случајот со Северна Македонија се движи исклучително брзо и ефикасно, без проблеми и одложувања.

„Денеска сум тука како земја која што е во процес на ратификација, но и фактот дека 19 земји – членки за многу кус временски период завршија со процесот на ратификување, го покажа политичкиот сигнал. И ние сметаме дека треба час поскоро да станеме земја членка, а во тоа сме ги убедиле и останатите земји – членки на Алијансата“, потенцираше министерката.

Шекеринска истакна дека на дводневниот министерски состанок ќе се дискутира за теми кои што се однесуваат на безбедноста која што влијае на НАТО земјите, меѓутоа и во еден глобален контекст. Тоа ,рече министерката, се теми како жариштата низ светот, но и односите со Русија, односите внатре во Алијансата во поглед на издвојување на средства за одбраната.

Шекеринска денеска на маргините на состанокот ќе има одвоени билатерални средби со колеги – министри за одбрана на земји – членки на Алијансата.

Треба да знаете
Последни објави