Search

(Видео) Цивили се гаѓани при воздушните удари во Јемен, тврди УНХЦР

Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) денеска соопшти дека нејзините претставници се исклучително тажни во врска со таргетирањето цивили во неодамнешните воздушни удари на меѓународната коалиција во главниот град на Јемен, при што загинаа најмалку шест лица, вклучувајќи и четири деца.

Портпаролот на УНХЦР, Андреј Махечиќ, рече дека меѓу повредените во вчерашните напади во Сана има бегалци, меѓу кои и една жена од Сомалија и нејзината ќерка, кои, како што рече тој, добиле итна медицинска нега.

УНХЦР наведува дека хуманитарните услови за повеќе од 275.000 бегалци и баратели на азил што живеат во Јемен се значително влошени поради војната во земјата.

Владата на Јемен, поддржана од меѓународната коалиција предводена од Саудиска Арабија, се бори против бунтовниците од движењето на Хутите од 2015 година.

Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени, а милиони се раселени поради воените судири, кои доведоа до сериозно уништување и широко распространет глад во најсиромашната земја од арапскиот свет.

Треба да знаете
Последни објави