Search

(Видео) Сугарески: Буџетот за 2020 обезбедува повеќе пари за патишта, гасовод и водовод

Предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година е развоен буџет, директно насочен кон потребите на стопанството и граѓаните и е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката, комуналната и патната инфраструктура“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција, на која го презентира предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година.

Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година е проектиран на 5 милијарди, 810 милиони и 579 илјади денари, од кои 83 отсто од проектираните средства, или 4 милијарди, 819 милиони и 974 илјади денари се расходи наменети за реализација на капитални проекти.

„Капиталните расходи за 2020 година се 854 милиони и 741 илјада денари повеќе во споредба со 2019 година. Тоа значи дека в година планираме уште посилен интензитет на градежни активности насекаде во државата, што очекуваме да доведе до висок раст на градежништвото и економијата во целина. За изградба на железницата на Коридорот 8, проектиравме 2 милијарди и 652 милиона денари, што е 577 милиони денари повеќе отколку за 2019 година. За изградба на гасоводот, предвидени се 1 милијарда и 31 милион денари. Почнуваме нов проект, кој е од клучно значење за локалниот економски развој и подобрување на урбаното живеење. Тоа е проектот за изградба и санација на локални патишта за што в година планирани се 247, 5 милиони денари. Многу важен проект на кој посветуваме особено внимание е изградбата на водоводи и канализации во општините. За таа цел, преку заемот од Европската инвестициска банка, предвидени се 446 милиони денари за реализација на дваесетина проекти во општините. Со грант-средства од банката КФВ планирани се 248,7 милиони денари за изградба и реконструкција на дел од водоводната мрежа во Кавадарци, Радовиш и во Гостивар. За изградба на нов водовод и канализација во Индустриската зона Визбегово планирани се 100 милиони денари. Предвидена е изградба на социјални станови во Бутел во Скопје, во Виница, Свети Николе, Велес, Пехчево, Гевгелија, Дебар, Сарај и во Демир Капија. В година за финансиска поддршка за нови авиолинии планираме 104 милиони денари“, изјави Сугарески.

Тој потенцира дека в година ќе се објави јавен повик за изградба на магистралните гасоводи Велес – Свети Николе и Гостивар – Кичево. Во делот на комуналната инфраструктура се предвидува изградба на канализациска мрежа во Ѓорче Петров и Арачиново, како и изградба на брана на реката Отиња.

Во предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени и 20 милиони денари за изработка на урбанистички планови за општините, 40 милиони денари за Деценијата на Ромите, како и 134 милиони денари за мерки и активности со кои ќе се унапреди инфраструктурата на граничните премини и транспортот во рамките на проектот „Олеснување на трговијата за Западен Балкан“.

Сугарески додаде дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта в година продолжува уште поголема инвестициска активност во изградба и реконструкција на патната мрежа во државата за што најави нови проекти.

Треба да знаете
Последни објави