Search

Видео средба Османи-Ан Линде: Поддршката од Шведска-важен чекор за европскиот пат на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска оствари видео средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде.

Главен фокус на разговорот беше ставен на потребата од јасен и недвосмислен одговор на европските аспирации и перспективите на Република Северна Македонија, особено по одлуката за почеток на преговорите на мартовскиот европски совет.

„Продолжуваме да работиме активно на европската агенда, на негувањето на добрососедските односи, на економскиот развој на државата – посветени сме на крајната цел: полноправно членство во ЕУ”, нагласи Османи, информирајќи ја Министерката за досегашните постигнувања и резултати во клучните реформски области, за добрососедските односи и состојбите во регионот.

Османи искажа благодарност до Шведска, која со континуираната поддршка потврдува дека е конзистентен промотор на процесите на суштинска демократизација во нашата држава и на регионот во целина.

„Особено сме благодарни за интензивната соработка со Шведската агенција за меѓународен развој и соработка-SIDA, преку многубројните реализирани и предвидени проекти кои допринесуваат кон прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет во земјата”, потенцираше Османи.

Министерката Линде ја поздрави силната и одлучна посветеност на Владата на Северна Македонија за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата.

Разгледана беше состојбата со здравствената криза и социо-економските последици од пандемијата. Шведска е отворена за поддршка во борбата со коронавирусот.

Министрите констатираа дека Северна Македонија и Шведска негуваат блиски и отворени билатерални односи со одлична динамика на политички дијалог, а разменија мислења и за економските односи и  соработката на мултилатерален план.

Треба да знаете
Последни објави