Search

(Видео) Србија користела кинеска опрема за да ги потисне протестите во Белград

Српската полиција ги потиснува демонстрациите со антитерористички екипи кои кинеската специјална полиција ги обучи кон крајот на минатата година, пренесува „Брејтбарт“ повикувајќи се на информации на „Дојче веле“.

Веста доаѓа откако Кина во саботата го склучи својот прв европски договор за оружје со Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во вторникот објави дека повторно ќе биде воведен полициски час на национално ниво поради коронавирусот ако резултат на порастот на бројот на нови случаи во последните неколку дена.

Ова разбесни илјадници граѓани- кои ја обвинуваат владата за предизвикување на вториот бран откако прерано ги олесни претходно воведените мерки- и ги поттикна да протестираат против новите ограничувања вторникот вечерта во Белград, каде што демонстрантите упаднаа во зградата на парламентот.

Како одговор, српската интервентна полиција употреби строги мерки за да ги потисне демонстрантите, прскајќи ги толпите со солзавец и тепајќи ги демонстрантите со палки. Немирите продолжија во средата вечерта во Белград и другите српски градови, иако претседателот Вучиќ се повлече во врска со неговите планови за нови антипандемиски мерки.

„Демонстрантите во Белград ги гаѓаа безбедносните сили со камења, факли и со празни шишиња. Некои од нив ги фрлаа канистрите со гас назад кон полицијата. Бидејќи толпата растеше, интервентната полиција ги потисна демонстрантите подалеку од зградата на парламентот од каде почна митингот во средата. Големи групи интервентни полицајци, вклучително и возила кои припаѓаат на специјалниот антитерористички одред, патролираа низ градот“, се наведува во извештајот.

Специјалните антитерористички одреди во Србија се најдоа во меѓународниот печат кон крајот на ноември 2019 година, кога на единиците им се придружија кинеските безбедносни сили во заедничка вежба во близината на Белград.

„Кинеската специјална полиција учествуваше на нивната прва заедничка вежба за обука во Европа, придружувајќи се на елитната српска антитерористичка единица и на локалната полиција во вежбите во кинеската челичарница во близина на Белград“, објави Ројтерс.

Српскиот министер за внатрешни работи во тоа време, Небојша Стефановиќ, рече дека планира поголема соработка со кинеските агенции за спроведување на законот, додавајќи дека Србија учи од поголема и посилна земја.

Минатата есен српската полиција започна со заедничка полициска патрола со кинеските полицајци кои беа распоредени во Србија за да помогнат со се поголемиот број кинески туристи и работници во земјата, објави „Еуроњуз“.

„Полицајците од Кина ќе им помагаат на српските полицајци во комуникацијата со кинеските државјани и во нивната комуникација со државните органи на Србија“, рече Стефановиќ во септември 2019 година, посочувајќи дека заедничките патроли ќе почнат во октомври.

Преку својата иницијатива „Белт енд роуд“, Пекинг инвестираше милијарди долари во заеми за изградба на железници, патишта и електрани- главно со кинески работници -низ цела Србија.

„Форин полиси“ пишува дека од август 2018 година, во Белград е воспоставен системот за набљудување „Безбеден град“ на кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“. Официјално објавен од српското МВР во јануари 2019 година, полицискиот проект предвидува инсталирање 2.000 камери со висока резолуција кои користат софтвер за препознавање на лица и регистарски таблички, на 800 локации низ Белград во текот на следните две години.

Српските организации за човекови права го критикуваа системот за надзор заради кршење на слободите на граѓаните и граѓанските права, а особено за неговиот потенцијал да ја потисне слободата на изразување во форма на мирни протести. Според извештајот, Вучиќ на претходните големи протести на опозицијата во првата половина на 2019 година наредил надзорни беспилотни летала да ги следат демонстрациите.

На 4 јули, Србија првпат ги покажа воените беспилотни летала купени од Кина. Во воената воздушна база во Батајница, близу Белград, Вучиќ откри дека Србија неодамна примила пратка од кинески извидувачки беспилотни летала и ракети. Продажбата претставува прв договор на Кина зо оружје со европска земја.

„Шест беспилотни летала CH-92A и 18 проектили воздух-земја FT-8C им се предадени на српските вооружени сили за зајакнување на нивните можности за извидување“, се вели во соопштението на српското Министерство за одбрана.

„Ова станува модерен начин на војување. Во тој поглед претходно немавме никакви шанси да се натпреваруваме со посериозни земји“, рече Вучиќ за продажбата на оружјето.

„Сега започнуваме, и важно е дека договоривме трансфер на технологија со Кина, така што нашиот Пегаз може полека да се внесе во системот на српските вооружени сили“, рече претседателот, осврнувајќи се на беспилотните летала „Пегаз-011“ развиени од Србија.

Иако точната вредност на договорот со оружјето со Кина останува непозната, Вучиќ рече дека оружјето не е скапо и оти Србија би купила и повеќе.

Треба да знаете
Последни објави