Search

(Видео) Полупразни плоштади и улици во Милано, коронавирусот внесува немир кај посетителите

Откажани настапи на миланската опера, празни деловни простории и плоштади се слики кои доаѓаат од Милано откако коронавирусот се прошири во северниот дел на Италија.

Од кратката репортажа на агенцијата „Ruptly“ може да се забележи дека миланските улици во текот на денот се значително попразни од вообичаено и дека е намален бројот на туристи.

Оние кои сепак се решиле да го разгледаат градот, како и локалните жители кои имаат неодложни обврски задолжително носат заштитни маски.

„Не сум многу загрижен во моментов, но по вестите за ширењето на вирусот во Ломбардија мислам дека треба да бидеме претпазиливи“, вели во кратка изјава еден од случајните минувачи.

Празни се продавниците на брендовите од високата мода, исто како и полиците на повеќе маркети во регионот Ломбардија.

„Се работи за респираторен вирус за кој не мислам дека е многу смртоносен. Станува збор за заразна болест и мислам дека доколку се стравува од зараза тогаш е добро да се избегнуваат јавни собири бидејќи на тој начин најмногу се шират заразите. Инаку, верувам дека малку се претерува со тоа што масовно се празнат рафтовите во маркетите, сепак ова е реалност а не зомби-филм“, вели една посетителка на Милано во изјавата за агенцијата.

Треба да знаете
Последни објави