Search

(Видео) Полицискиот час и вечерва ги принуди скопјани да одмараат по дома, но некој мора и да работи

Скопје, 13-та вечер како е на сила забраната за движење која почнува секоја вечер во 21 часот. Иако улиците во главниот град се празнат веќе по 18 часот, скопјани се движат и за време на полицискиот час. Сепак, речиси сите имаат дозвола и одат или се враќаат од работните места.

Екипата на 24 Инфо вечерва за време на обиколката низ градот забалежа двајца граѓани на постара возраст, кои полека и пеш се движеа кон своите домови. На полициските пунтктови се запираат сите што поминуваат, а низ улиците се движат и мобилни полициски тимови кои интервенираат ако има потреба.

Додека бевме на еден од пунктовите дојде лице со велосипед. Проверката покажа дека е вработен во една пекарска фирма и оди на работа. Имаше две дозволи, една за движење и една потврда од работодавецот дека е на смена. На друго место полицијата сопре автобус кој превезуваше вработени од ТАВ на работа на аеродромот. Забележавме и возило на брза помош и автобуси на ЈСП кои се враќаат во базата во Автокоманда.

Додека седевме со полицајците слушнавме дека е регистрирано возило кое превезува патници во болница поради итна потреба од медицинска помош. На булеварот Трета македонска бригада, пак, полицијата запре лице кое пеш се движи по улицата без потребни документи и дозвола.

Полицајците кои стојат на одредени пунктови знаат колку фирми има во регионот и чии вработени се движат за време на полицискиот час, така што работата им е олеснета. Но сите што ќе бидат сопрени им се земаат податоци, а информацијата за лицата што се движат се проследува до другите колеги така што полицијата низ целиот град има податоци кој и каде се движи. И така ќе биде и следната вечер и вечерта по таа и наредната и најмалку уште 30 дена.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави