Search

(Видео) Папата ги осуди злоупотребите и насилството кон мигрантите во Либија

Папата Франциско ги осуди злоупотребите и насилството кона африканските мигранти во Либија на мисата во средата во чест на неговата посета на Лампедуза на почетокот на неговиот понтификат, се вели во соопштението на официјалната веб-страница на Ватикан.

Папата одржа специјална утринска миса во капелата во неговата резиденција Света Марта за да ја одбележи седмата годишнина од неговата посета на италијанскиот остров Лампедуза на овој датум во 2013 година. Во својата проповед, папата го осуди гревот на рамнодушноста кон судбината на другите, особено кон мигрантите.

„Културата на удобност, која нè тера да мислиме само на себеси, нè прави нечувствителни на плачот на другите луѓе, нè тера да живееме во меури од сапуница кои, колку и да се убави, се несуштински.  Тие нудат бесмислена и празна илузија што резултира со рамнодушност кон другите“, рече Папата.

„Во овој глобализиран свет, ние паднавме во глобализирана рамнодушност. Се навикнавме на страдањата на другите: тоа не влијае на мене; не ме засега; тоа не е моја работа!“, истакна тој.

Папата продолжи сугерирајќи дека христијаните имаат потреба од „лична средба“ со Исус Христос, што може да се постигне со помагање на оние што се во неволја.

„Трагајќи по лицето Господово, можеме да Го препознаеме во лицето на сиромашните, болните, напуштените и странците кои Бог ги става на нашиот пат“, рече Франциско.

„И оваа средба станува за нас време на благодат и на спасение бидејќи ни ја дава истата мисија што им е доверена на апостолите. Средбата со другиот е исто така средба со Христа, бидејќи Тој е оној што тропа на нашата врата, гладен, жеден, гол, болен, затворен, барајќи средба со нас и ја бара нашата помош. Нашиот одговор кон другите – вклучително и мигрантите – е нашиот одговор на самиот Исус, во добро или во лошо!“ рече папата.

„Ова предупредување е горливо прашање денес“, рече тој. „Дозволете ни да го искористиме како основен елемент за секојдневно да ја испитуваме нашата совест. Мислам на Либија, камповите за притвор, злоупотребите и насилството чии жртви се мигрантите, патувања на надеж и спасувачки операции “, вели тој.

Треба да знаете
Последни објави