Search

(Видео) Пазарот во Мексико Сити може да стане новo жариште на коронавирусот

Пазарот Централ де Абастос во Мексико Сити, кој е голем како 327 фудбалски стадиони, ги загрижува властите затоа што лесно може да стане главно жариште на коронавирусот. Во нормални услови, секој ден поминуваат до половина милион луѓе, според официјалните податоци од Изтапалапа, округот во кој има најмногу заразени со коронавирус во Мексико.

Покрај купувачите и продавачите кои деноноќно работат за да ги снабдат сите поголеми ланци, но и помалите дуќани и домаќинства, околу 100.000 работници може да се видатначичкани во тесни премини, редејќи вреќи со компири и ориз, како и кутии со банани, пренесува „Ројтерс“.

Во почетокот на мај, владата го стави овој пазар во списокот со 89 локации кои имаат многу висок ризик од ширење на инфекцијата, во обид да го спречат ширењето на коронавирусот. Сепак, затворањето на пазарот, кој снабдува околу 25 милиони луѓе, не е опција, така барем рече градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шејнбаум, потенцирајќи дека ваквиот потег ќе го уништи регионалното снабдување со храна.

Поради коронавирусот, пазарот работи со капацитет од 85 проценти. Во редовни околности, секој ден пристигнуваат околу 15 000 различни видови производи од целата земја, во повеќе од 60.000 возила. Мерките беа заострени дури кога се утврди дека 25 работници се заразени и двајца починале на пазарот, каде што секоја година се префрлаат околу 9 милијарди долари од рака на рака.

Една од мерките на заштита е забраната за влегување на пазарот на деца и бремени жени, а здравствените работници почнаа да спроведуваат корона-тестови на самото место. Стотици полицајци и јавни службеници се распоредени на пазарот за да ја измерат температурата на клиентите и вработените.

Сепак, и покрај сите мерки, минатата недела се регистрирани 34 нови случаи, а извршени се само 450 тестови.

Треба да знаете
Последни објави