Search

(Видео) „Одбројување до делумно заклучување“ – забава без маски во Хаг

На социјалните мрежи се појави видео од забава во Хаг во Холандија што се одржала синоќа пред да стапат на сила новите мерки поради коронавирусот. На видеото може да се види дека никој од присутните не носи маска и дека не се почитува правилото за физичка дистанца.

„Одбројување до делумно заклучување. Сцена во Хаг 25 минути пред воведување на новите правила“, стои во описот на видеото.

Забавата се одржала синоќа на главниот плоштад во Хаг, спроти зградата на Парламентот кој во тој момент заседавал. Забавата на крајот била растурена од страна на полицијата.

„Ова е сосема неодговорно“, рекол градоначалникот Јан ван Занен. Во соопштение тој навел дека таквото себично однесување само го продолжува траењето на рестриктивните мерки, кои ќе бидат на сила најмалку четири недели.

Поради зголемениот број на заразени лица, холандската влада донесе уредба за воведување на делумен карантин.

Одлуката е донесена со цел да се забави ширењето на вирусот бидејќи Холандија е една од европските земји кои се најпогодени од новиот бран. Денес во таа земја се потврдени 7.791 нови случаи, што е најмногу од почетокот на пандемијата.

Треба да знаете
Последни објави