Search

(Видео) Мицкоски и коалициските партнери бараат предвремени избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по состанокот со лидерите на политичките партии коишто се дел од коалицијата „За подобра Македонија“, ја потврди позицијата за предвремени парламентарни избори и распуштање на Собранието.

Мицкоски рече дека на изборите граѓаните ќе одлучат дали се за понижена и омаловажена Северна Македонија или се за горда и достоинствена Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со политичките партии разговарале и за уставните измени, Законот за јазиците и недостигот од реформи. Според Мицкоски, Законот за јазиците е донесен на полушверцерски начин, а неговото објавување во „Службен весник“ без потпис на Иванов е противправно.

„Претставниците на политичките партии коишто се дел од коалицијата ‘За подобра Македонија’ изразија поддршка и согласност тоа што ВМРО-ДПМНЕ претходно го кажа дека е извршен атентат практично на Република Македонија. Тие изразија поддршка во намерата на ВМРО-ДПМНЕ да се поднесат кривични пријави против сторителите на ова противуставно, противзаконско и противделовничко практично дејствување од страна на парламентарното мнозинство на Зоран Заев и Талат Џафери. Но исто така изразија и поддршка за поднесување претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста на овој закон“, рече Мицкоски.

Заедничката оценка на Мицкоски и коалициските партнери е дека политичката состојба во државата е лоша, отсуствуваат реформи, а потегот на премиерот Зоран Заев да замине на зимување по донесувањето на уставните измени, Мицкоски го нарече блеферски настап.

Треба да знаете
Последни објави