Search

(Видео) Мицкоски: Ги запознавме соговорниците во Брисел со реалната ситуација во Македонија

Ги запознавме нашите соговорници во Брисел со вистинската и реалната ситуација во Република Македонија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по дводневната работна посета на Брисел, каде учествуваше на состаници и средби заедно со кандидатот за претседател, Гордана Силјановска-Давкова.

„Зборувавме за отсуство на реформите во здравството, во образованието и сето она кое што претставува практично неуспех на владата на Зоран Заев и СДСМ во Република Македонија. Исто така соговорниците ги запознав за периодот кој што следува за претседателските избори кои што се пред нас, еве на нешто помалку од еден месец на денот на гласање ги запознав со нашата стратегија, со сето она кое што го спроведуваме на терен, но и за кампањата која што практично ќе започне официјално од 1 април“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Силјановска, во рамки на посетата, имала можност да се запознае со голем број на  претседатели и европратеници од редовите на Европската Народна партија да ги запознае со нејзините гледишта, со програмата која што ќе ја презентира пред граѓаните и за сето она кое што претставува визија за развојот на државата.

Мицкоски додаде дека на средбите станало збор и за ветувањето на Заев дека доколку изгуби неговиот кандидат на претседателските избори, некаде на есен ќе распише предвремени парламентарни избори.

„Го држиме за збор господинот Зоран Заев, бидејќи сигурно веруваме дека ВМРО-ДПМНЕ и професорката Гордана Силјановска ќе победат на претседателските избори, а со тоа ќе се исполни единствениот услов кој што себеси си го постави Зоран Заев, а тоа е доколку ги изгуби претседателските избори да распише предвремени парламентарни избори таму на есен. Предвремени парламентарни избори за Република Македонија ќе значат нова иднина, вистинска иднина, со вистински структурни реформи, не фингирани и лажни вести кои што овде ги испорачуваат во Брисел во рамките на Европската комисија“, рече Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави