Search

(Видео) Мицкоски: Владата денеска исплати субвенции мислејќи дека ќе ги поткупи земјоделците за изборите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска беше во посета на општина Сарај, каде што оствари средба со граѓаните.

Како што информираат од партијата, Мицкоски истакнал дека граѓаните од оваа општина се соочуваат со големи проблеми и неправди направени од СДСМ и Зоран Заев.

„Неправда е кога премиерот ни вели дека блескаме, а тука народот живее без достојни патишта, без решени инфраструктурни проблеми, без перспектива“, рекол партискиот лидер.

Тој посочил и дека Владата и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, не се грижат за земјоделците.

„Денеска слушнав дека, конечно, по месеци тактизирање, ги исплатил практично субвенциите за земјоделците и добро е тоа што го направил, ако го направил, затоа што тие луѓе, конечно, за својата мака, за својата пот, за својот труд го добиле она што државата по редовна основа треба да им го исплати, а тоа се субвенциите. Но, тие повторно го потценија народот, повторно го навредија народот. Тактизираа со месеци, не исплаќаа и мислеа дека сега три дена пред да се случи гласањето на претседателските избори дека на тој начин практично ќе го поткупат народот. Повторно го потценија и повторно го навредија народот. Добро е што им текнало ова да го направат, но народот тоа што го мисли, ќе им каже на 21 април и на 5 мај. Јас сум сигурен дека на 21 април земјоделците ќе му кажат едно големо збогум и на овој министер и на неговиот ментор Зоран Заев“, објаснил Мицкоски.

На крајот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред жителите на Сарај порача дека овие избори не се само претседателски, туку се избори каде што, како што истакна, се одлучува за иднината на Македонија и за иднината на сите граѓани.

Треба да знаете
Последни објави