Search

(Видео) Костадинов: Кога Сиљановска била министерка нејзиниот сопруг добил фри-шоп

Кандидатката на Христијан Мицкоски, Гордана Сиљановска, е пример за транзициски профитер и симбол на непотизам, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Како што кажа тој, во нејзиниот мандат како министерка во првата влада по независноста, сопругот на Сиљановска добил бизнис со фри-шоп, што според портпаролот на владејачката партија, во тоа време бил еден од најдоходовните бизниси.

„Таквиот чин на непотизам, судир на интереси и злоупотреба на функцијата, во тоа време наидува на жестока критика токму од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Собраниските архиви говорат дека Силјановска за ВМРО-ДПМНЕ воопшто не била ‘симбол на правото и правдата’, туку узурпаторка на функцијата и транзициска профитерка, како што била опишувана во Собранието во 1994 година токму од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Костадинов.

Тој истакна дека дури и самата Сиљановска во интервју за „Сител“ телевизија признала дека фри-шопот постоел.

„Единствениот кој го игнорира доделениот фри-шоп и очигледниот конфликт на интереси на Сиљановска како министерка во транзициската влада е Христијан Мицкоски. Јасно е лицемерието на Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа загубија во првиот круг и затоа ќе загубат уште поубедливо во вториот круг“, кажа портпаролот и додаде дека граѓаните нема да дозволат нечесни и неискрени личности да застанат на чело на државата“.

 

Треба да знаете
Последни објави