Search

(Видео) Заев на 60-годишнината на техничките факултети

Премиерот Зоран Заев вчера присуствуваше и имаше свое обраќање на одбележувањето на 60-годишнината од основањето на Машинскиот факултет, на Факултетот за електротехника и информациони технологии (ФЕИТ) и Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во својот говор премиерот истакна дека се одбележуваат 60 години историја и вградени кариери и знаења на генерации и генерации професори и научни работници.

Потоа, осврнувајќи се кон она што претстои, Заев нагласи дека областите што ги покриваат овие три факултети се носечките индустрии на иднината и го заслужуваат токму тоа внимание.

„За нашата земја, тоа се исклучително важни дејности како основа за нашиот развој, како основа за креирање на нови работни места, нови вештини и нови бизнис модели на брзорастечки и конкурентни индустрии во глобалниот свет. Во таа насока, Владата, останува партнер на системот на универзитетското образование и ќе ја дава неопходната поддршка“, посочи премиерот.

Нагласи дека целта е многу бргу да се обезбеди иднината на техничките науки, преку финансирање на опрема за лаборатории како предуслов за развој на капацитетите на научните работници и како можност за нови развојни проекти што произлегуваат од науката.

На овој настан покрај премиерот Заев, свое обраќање имаа и деканот на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор доктор Никола Јанкуловски, деканот на Машинскиот факултет, професор доктор Дарко Данев, деканот на Факултетот за електротехника и информациони технологии, професор доктор Димитар Ташковски и деканот на Технолошко-металуршки факултет, професор доктор Јон Магдески кои ја потенцираа важноста на постоењето на факултетите.

Треба да знаете
Последни објави