Search

(Видео) Димовски: Огромен скандал е што МВР фалсификувале записник за да го спасат Курто Дудуш од одговорност

Огромен скандал е што МВР фалсификувале записник за да го спасат Курто Дудуш од одговорност, Заев сеуште молчи наместо да го разреши, изјави на прес-конференција, Димитар Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој оцени дека скандалот со градоначалникот добива огромни димензии.

„Тој не само што бесправно лишел од слобода граѓанин во својот кабинет и притоа го измачувал, тепал и навредувал, туку и пријавата за ваквото негово однесување мистериозно се претворила во обична поплака за која МВР не е должно да постапи. Ова веќе директно го вмешува и самиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, за кого пак скандалите секој ден се повеќе се редат. Значи Заев го штити, Спасовски го пази, а Курто Дудуш си тепа граѓани. Затоа премиерот Заев молчи, а Спасовски купува време. Практично зомби системот каде криминалот и корупцијата се во најдобра спрега го штитат градоначалникот пулен на Заев“, изјави Димовски.

Тој обвини дека според информациите кои излегле во медиумите лицето кое било тепано и измачувано во градоначалничкиот кабинет го пријавило случајот во полициска станица Чаир на 1 мај, за еден ден потоа, веројатно под притисок, оваа пријава да се претвори во обична поплака.

„За јавноста да знае поплаката е помала и поблага форма на акт со кој полицијата е само информирана. Од снимката која ја емитуваа медиумите јасно се слуша дека Курто Дудуш, додека го тепа и измачува лицето во својот кабинет му кажува дека е близок со министерот Оливер Спасовски, дека комуницира со него лично и дека секој оној којшто му се спротивставува или го тепа или му прави да има проблеми со полицијата. Ете го одговорот како се заташкал целиот овој скандал и во кој очигледно имаат вмешано прсти високи полициски функционери ако не и самиот Оливер Спасовски. Потребни се одговори директно од Оливер Спасовски, бидејќи ако ова е точно, а сепак се работи за официјални документи од МВР, тогаш полицијата и Спасовски стануваат соучесници во изживување, тепање и навредување на граѓани во функционерски кабинети“, рече Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Заев да го осуди насилството од страна на Курто Дудуш и да побара негова негова оставка.

Треба да знаете
Последни објави