Search

(Видео) Груевски шета во трговски во центарот на Будимпешта

Унгарскиот портал 444.ху објави видео снимка од екс македонскиот премиер, бегалецот Никола Груевски, како се шета во трговскиот центар WestEndCity, лоциран во центарот на Будимпешта на популарната улица Ваци.

Порталот објави дека поранешниот премиер осуден за корупција „мирно се шетал во саботата навечер, кога трговскиот центар почнал да се празни, а продавниците да се затвораат“.

Груевски побегна во Будимпешта во ноември минатата година, и го избегна одржувањето на затворската казна од две години колку што беше осуден во случајот „Тенк“.

Со помош на унгарски дипломати, Груевски успеа да премина неколку граници и експресно да добие статус на бегалец.

Груевски последен пат беше виден во јавноста во средината на декември во ресторанот Rosewood во Будимпешта, каде што ручаше со вработени од македонската Царинска. Според порталот, тој претходно бил виден и на Божиќниот пазар на плоштадот Ержебет како разгледува луксузни продавници. Јавната обвинителка Вилма Русковска, која ја води истрагата за бегството на Груевски денеска изјави дека во текот на неделава Обвинителството ќе сослуша повеќе сведоци во рамки на истрагата, а очекува да бидат преземени и доказите барани од Република Албанија.

За тоа до каде е истрагата и што е досега преземено Русковска рече дека кога ќе имаат нешто поконкретно ќе го соопштат.

Досега е сослушано обезбедувањето кои го обезбедувале.

– Блиски роднини нема да има, тие што го обезбедуваа беа сослушани. Ова ќе бидат други сведоци, изјави обвинителката Русковска.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија. Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.

Треба да знаете
Последни објави