Search

(Видео) Голем марш за климата во Брисел, организаторите велат дека имало 70 илјади луѓе

Десетици илјади демонстранти денеска во Брисел учествуваа на првиот голем климатски марш по појавата на епидемијата на коронавирус и неколку недели пред меѓународниот самит COP26.

Според проценките на полицијата, најмалку 25.000 луѓе учествувале во трикилометарската поворка, која се протегала од станицата Брисел север до паркот Синкантeнер. Организаторите, пак, проценуваат дека имало 70.000 учесници.

„Време е да го смениме системот и да преземеме радикални акции. Се работи за опстанокот на човештвото”, рече климатската активистка Ануна Де Вевер.

Речиси 80 организации собрани под слоганот „Климатска коалиција“ повикаа на протестот на кој присуствуваа истакнати белгиски политичари.

„Климата е социо-економско прашање. Сега треба да ја заштитиме бидејќи мојата генерација нема да ги сноси последиците”, рече Конор Русо, претседател на партијата Воуруит, стара социјалистичка партија во Фландрија. Протестот доби на значење и поради смртоносните поплави што ја погодија Белгија во јули.

Овој потег доаѓа неколку недели пред почетокот на Конференцијата на ОН за климатски промени COP26 во Глазгов, каде владите ќе разговараат за одржување на планираното ограничување на климатското затоплување на 1,5 Целзиусов степен, како што е предвидено со Парискиот договор за климата од 2015 година.

Треба да знаете
Последни објави