Search

(Видео) Водач на месијански култ кој тврди дека е реинкарнација на Исус уапсен во Русија

Водачот на еден на месијански култ, кој се смета себеси за реинкарнација на Исус, е уапсен во Русија. Сергеј Тороп (59) ќе се соочи со обвиненија за организирање нелегална религија и изнудување пари од членовите на неговиот култ, кои, наводно, емоционално ги злоупотребил, пренесува „Њујорк пост“.

Федералните безбедносни сили на Русија спровеле специјална операција со хеликоптери и вооружени полицајци за напад на култот во регионот на Краснојарск, во Сибир, и апсењето на Тороп, поранешен сообраќаен полицаец познат на своите илјадници следбеници како Висарион, и двајца негови соработници.

Властите, исто така, го уапсиле и Вадим Редкин, десната рака на Тороп, и уште еден соработник по име Владимир Ведерников.

Истражниот комитет на Русија го обвини Тороп, кој носи долга коса и брада, за користење на парите на следбеници и психолошко насилство за нанесување штета, објави „Москоу тајмс“.

Откако ја изгубил работата како сообраќаен полицаец во 1989 година, Тороп рекол дека доживеал „будење“ што го инспирирало да почне движење наречено Црква на последниот Завет, кое го меша христијанството со екологијата и со другите вредности.

„Јас не сум Бог. И, грешка е да се гледа Исус како Бог. Но, јас сум живиот збор на таткото Бог. Сè што Бог сака да каже, тој вели преку мене “, изјавил тој за „Гардијан“ во 2002 година.

Тој, наводно, тврдел дека „Бог го испратил на земјата да го подучува човештвото за злата на војните и за уништувањата што ги предизвикуваме во животната средина“.

Култот има околу 20 рурални населби длабоко во јужната сибирска дивина, каде што живеат околу 4.000 следбеници – или „висарионити“, пишува „Москоу тајмс“. Црквата на последниот Завет тврди дека нејзините изолирани населби во сибирската шума се најголемиот верски резерват на светот. Покрај 4000 следбеници кои живеат таму, црквата има уште 6.000 следбеници низ светот.

Во 2017 година, Висарион изјави за Би-би-си: „Овде имаме училиште за благородни девици. Ги подготвуваме девојките да станат идни сопруги, идни невести за достојни мажи”, додавајќи дека жените треба да разберат дека не треба да се издигнуваат над мажот, да не бидат горди на својата независност, туку да бидат срамежливи, незабележителни и слаби“.

Висарион има шест деца со две жени, а во една фаза се оженил со 19-годишна девојка која живеела со него од седумгодишна возраст“, пишува „Дејли мејл“.

Претходно годинава, заменикот на Висарион, Вадим Редкин, изјави за „Москоу тајмс“ дека барањата за членство во црквата се зголемиле тројно за време на епидемијата на коронавирус.

Не е веднаш јасно што ги поттикнало властите да тргнат против Тороп. Руската православна црква го критикуваше култот во минатото иако организацијата во голема мерка помина без проблеми.

Треба да знаете
Последни објави