Search

(Видео) Американски комичар распали кон конгресмените: Засрамете се што ги заборавивте спасувачите од 11 септември

Џон Стјуарт, американски комичар и поранешен водител на сатиричната емисија „Дејли шоу“, одржа говор во Конгресот на САД на тема финансиска помош и надомест за болните пожарникари и припадниците на други служби за итни случаи, кои учествуваа во спасувањето по терористичките напади на кулите близначки на 11 септември 2001 година.

„Треба да се засрамите“, рече Стјуарт, без двоумење пред конгресмените, видно вознемирен од фактот дека многу конгресмени не се појавија на заседавањето на комисијата на Претставничкиот дом (долниот дом на Конгресот) за осигурување средства за Фондацијата за надомест на жртвите од 11 септември (VCF) .

Како што објави „Си-би-ес њуз“, Фондацијата која беше основана пред девет години за покривање медицински трошоци за пожарникарите, полицајците, припадниците на брзата помош и други сектори што учествуваа во спасувањето останува без пари.

Голем број спасувачи се погодени од тешки болести, како рак или хронични белодробни заболувања, поради вдишување токсична прашина од урнатините на кулите близначки кога членови на Ал каеда ги урнаа забивајќи се со авиони во нив.

Стјуарт фактот дека речиси половина од членовите на комисијата не дојдоа на расправата го опиша како срам за државата и дамка за институцијата.

„Додека седам тука, мислам на тоа како целата оваа просторија е метафора за она што се случува со целиот процес на обезбедување здравствена заштита и надомест за спасувачите од 11 септември. Зад мене, полна просторија со спасувачи, а пред мене речиси празен Конгрес. Тешко болни дојдоа тука да разговараат, очигледно со никого“, рече Стјуарт.

„Треба да се засрамите од оние што не се тука, но знам дека нема. Знам зашто во оваа сала нема чувство за одговорност“, додаде тој.

Стјуарт го повика Конгресот да обезбеди средства за VCF во наредните 70 години за болните да не стравуваат дали нивните трошоци за третман ќе бидат покриени.

Треба да знаете
Последни објави