Search

(Видео)Кралицата Елизабета се обрати до нацијата: Останете силни, ќе се сретнеме пак

Кралицата Елизабета Втора ги повика Британците на самодисциплина и решителност во времето на пандемија на коронавирусот, во едно од ретките обраќања до нацијата, што се емитуваше на телевизија, радио и социјални мрежи.

-Свесна сум за тагата, болката и за финансиските проблеми со кои се соочуваат Британците во ова проблематично време, кажа кралицата.

Пораката беше снимена од само еден камерман облечен во заштитна опрема, додека сите други техничари биле во друга соба. Ова е само петти пат во нејзиното 68-годишно владеење таа да одржи ваков говор.

-Ви зборувам во ова исклучително предизвикувачко време, време во кое што е нарушен целиот живот во нашата земја. Тоа на некои им донесе тага, финансиски тешкотии на многумина и огромна промена во животите на сите нас. Се надевам дека во наредните години ќе можеме да бидеме горди на тоа како сме одговориле на овој предизвик, за што од вас барам многу самодисциплина, кажа кралицата.

Кралицата ја спореди изолацијата на современите Британци со онаа што ја преживеале децата евакуирани од Лондон во текот на Втората светска војна. Кога германските бомби паѓале врз британската престолнина во 1940, тогашната принцеза Елизабета им се обратила на евакуираните деца заедно со нејзината сестра, принцезата Маргарет.

Иако сме се соочиле со предизвици и претходно, овој е различен“, рече Кралицата.

-Овој пат се придржуваме на сите нации низ светот со заеднички проблем, користејќи ги големите напредоци во науката и нашата инстиктивна грижа за да се излекуваме. Ќе успееме – и тој успех ќе припаѓа на секој од нас. Треба да најдеме комфорт во тоа што иако имаме уште работи кои мораме да ги издржиме, подобри денови ќе се вратат, ќе бидеме со нашите пријатели повторно, ќе бидеме со нашите фамилии повторно, ќе се сретнеме повторно, порача кралицата.

Коронавирусот влезе и во британското кралско семејство откако нејзиниот син, принцот Чарлс, имаше позитивен тест, но тој во меѓувреме излезе од самоизолација и деновиве преку видеолинк отвори нова болница.

Во Велика Британија денеска починале 621 пациент, со што вкупната бројка порасна на 4.934, а досега се заразени вкупно 47.806 луѓе.

Треба да знаете
Последни објави