Search

Ветераните на ОВК и поранешните политички затвореници организираат протест против Специјалниот суд за Косово

Организацијата на воените ветерани од на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК) и Здружението на политички затвореници (ЗПЗ) повикаа денеска на протест против Специјалниот суд за Косово, кој е формиран со цел да ги истражи евентуалните воени злосторства на припадниците на ОВК во војната од 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на ОВВ-ОВК испратено до косовските медиуми се наведува дека сенародниот протест ќе се одржи во косовската претолнина на 9 јули, со мото „Во одбрана на ослободителната борба”.

Повод за протестот е веста објавена минатата среда, на 24 јуни, дека пред судот, чие седиште е во Хаг, е подигнато обвинение за воени злосторства против некои од основачите и водачите на ОВК, меѓу кои претседателот на државата Хашим Тачи  и лидерот на Демократската партија на Косово, поранешниот собраниски спикер Кадри Весели.

Според организаторите на протестот, „објавувањето на непотврденото обвинение (…) и моментот во кој тоа се направи говори дека Специјалниот суд е под политичко влијание, што го прави незаконит целиот процес” на обвиненија против припадниците на ОВК.

Поради тоа, ветераните на ОВК и поранешните политички затвореници, бараат од Собранието на Косово да го смени законот со кој е формиран Специјалниот суд.

– Подигнувањето на ова обвинение е направено со одредена намера, посебно за да се спречи дијалогот меѓу Косово и Србија. Се бара од Собранието на Косово да го смени законот за Специјалниот суд, затоа што треба да се судат сите злосторства и геноцидот извршен од Србија во Косово, се вели во соопштението.

На 24 јуни беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово, со седиште во Хаг, покренало обвиненија против  Тачи и Весели, како и против други поранешни припадници на ОВК, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.

Обвинителството од Хаг објави соопштение во кое се наведува дека на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април му е доставено споменатото обвинение, а дека истото треба да го потврди судија во претходна постапка.

По објавувањето на информацијата за обвинението се откажа средбата на Тачи и премиерот Авдулах Хоти со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, што на 27 јуни требаше да се одржи во Вашингтон, во организација на специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Ричард Гренел.

Средбат во Белата куќа требаше да го означи повторното започнување на дијалогот меѓу двете држави, кој беше прекинат во ноември 2018 година, кога Приштина ја воведе таксата од 100 отсто на увозот од Србија, а која на почетокот на минатиот месец ја укина новиот косовски премиер, Хоти. 

Треба да знаете
Последни објави