Search

Вестагер: Нокиа и Ериксон да одговорат дали се за продажба

– Шефицата на Европската унија за заштита на конкуренцијата Маргрете Вестагер остави можност американската Влада да се стекне со акционерски акции кај водечките играчи во областа на 5Г технологијата, „Нокиа” и „Ериксон”, сè додека не постои безбедносен ризик, пренесува Си-Ен-Би-Си.

Американскиот државен секретар за правда Вилијам Бар на почетокот на овој месец објави дека Владата во Вашингтон треба да размисли за преземање на контролниот удел во „Нокиа” или „Ериксон”, или во двете компании, за да ја „потиснат тенденцијата” на кинескиот „Хуавеј” за „доминација” на пазарот на мобилни мрежи од следната генерација, позната како 5Г.

„Нокиа” и „Ериксон” се двата најголеми европски производители на мрежна опрема и директни конкуренти на „Хуавеј”.

Вестагер денеска изјави за Си-Ен-Би-Си дека „претпријатијата треба да одговорат дали се за продажба или не, но дека европратениците  треба да обезбедат проценка за секој ризик”.

– Овде во Европа сме неутрални спрема типот на сопственост, можете да бидете во државна или во приватна сопственост. Она што е важно за нас е дека сте активни како оператор на пазарот, рече Вестагер.

Таа додаде дека не располага со конкретни информации за тоа дали американската држава сака да купи дел и дека не знае дали „Нокиа” или „Ериксон” нудат на продажба акции, со што всушност остави можност за евентуално такво преземање.

Официјален Вашингтон инсистира на тоа дека „Хуавеј” претставува ризик за националната безбедност, тврдејќи дека кинеската Влада може да ја користи својата опрема за шпионирање или блокирање на мрежата. „Хуавеј” во неколку наврати категорично ги негираше обвинувањата.

Треба да знаете
Последни објави