Search

Весели: Ја поддржувам идејата за суспензија на таксите

Претседателот на косовскиот Парламент, Кадри Весели изјави дека ја поддржува идејата за времена суспензија на воведените 100 процентни такси на производите од Србија, со цел да се отвори пат за продолжување на дијалогот, потенцирајќи дека суспензијата не може да биде вечна.

Тој во интервју за „Глас на Америка” истакна дека решение за косовското прашање гледа во српското признавање на косовската независност, како „суверена држава Косово во рамки на постоечките граници”.

За возврат, како што вели тој, „Косово ќе ја признае државата Србија”. Весели тоа го гледа како „нова ера, ера на соработка и комуникација”.

– Тоа ќе ни олесни и нам и на Србија, две децении по ослободувањето на Косово. Србија точно знае дека го загубила Косово, нагласи Весели, оценувајќи дека меѓународната заедница мора да и помогне на Србија да ја прифати таквата реалност.

Претседателот на косовскиот Парламент истакна дека „ќе се седне со Србија на преговарачка маса тогаш кога ќе ни кажат САД”.

– Но ние нема да прифатиме каков било договор кој го крши нашиот суверенитет и територијален интегритет, наведува Весели, потврдувајќи дека околу прашањето за таксите на српските производи и дијалогот со Белград внатре во владејачката коалиција постојат концептуални разлики.

Треба да знаете
Последни објави