Search

Весели се врати во Приштина, не кажа во кое својство беше во Хаг

Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на последниот состав на косовското Собрание Кадри Весели денеска се врати во земјата од Хаг, каде што вчера беше на распит пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

По пристигнувањето на приштинскиот аеродром Весели само ги поздрави неколкуте десетици приврзаници на неговата партија, кои беа излезени да го пречекаат и не откри детали за содржината на средбата со хашките истражители, ниту за тоа дали бил повикан во својство на обвинет или како сведок за евентуални злосторства на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за време и по последната војна во Косово.

– Што повеќе мир и благосостојба за нашиот народ. Господ да го чува Косово. Вечна слава за ОВК. Доживотно горд, изјави Весели, не дозволувајќи им на новинарите да му постават прашања.

Вчера, по завршувањето на тричасовното интервју во истражното одделение на трибуналот во Хаг, Весели изрази оптимизам дека ќе биде постигнат траен мир со Србија и рече дека е уверен оти тоа ќе се случи набргу. Тој додаде дека српски геноцид на Косово имало во последната војна и дека за тоа постојат документи и докази.

Весели беше повикан во Хаг како еден од основачите и поранешен член на Главниот штаб на ОВК и раководител на косовската разузнавачка служба (ШИК).

Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК”, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.

Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено околу 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Треба да знаете
Последни објави