Search

Весели: САД остануваат најголемиот пријател и стратешки партнер на Косово

Косово е решено засекогаш да го зачува стратешкото партнерство со САД и ова нема да се смени никогаш, изјави претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, по денешната средба со премиерот Рамуш Харадинај и американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет, на која се разговараше за  барањето на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Хрцеговина.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Весели е единствениот од учесниците на средбата што се одржа во неговиот кабинет, кој се огласи во јавноста откако американскиот амбасадор и косовскиот премиер не им се обратија на медиумите за да кажат за што е разговарано и дали е постигнат некаков договор.

Парламентарниот спикер на новинарите им изјави дека средбата била „крајно констриуктивна” и дека станало збор за „предизвиците со кои се соочува Косово во текот на годинава”.

– Ние ќе работиме заедно за одлуките на косовските институции за значајните процеси да бидат во интерес на граѓаните и во целосна координација со САД и другите меѓународни партнери, изјави Весели.

Претседателот на косовското Собрание денеска беше домаќин на состанокот на Харадинај и амбасадорот Коснет, на кој е разгледано американското барање упатено до косовската Влада за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и БиХ.

Косовскиот премиер и американскиот амбасадор, по средбата кај Весели, ги избегнаа медиумите и не дадоа информација за разговорите и нивниот исход.

Харадинај до сега беше упорен во ставот дека владината одлука ќе остане во сила се додека Србија не го смени односот кон Косово и не ја признае неговата независност. Меѓутоа, во последно време се повеќе расте притисокот за укинување на таксата, како од надвор, така и од внатре.

Освен од САД и Европската унија, се позачестени се барањата и од самите членови на Владата и од коалициските партии, како и од претседателот на државата Хашим Тачи, кој очекува таксата веднаш да се укине за да можат да продолжат и да се финализираат преговорите со Србија за нормализација на односите меѓу двете земји.

Треба да знаете
Последни објави